Охрид, 6. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство Венко Филиче најави дека од денес ќе бидат укинати квотите за лекови на рецепт во Охрид, Струга, Дојран, Ресен и Гевгелија, што ќе биде прв чекор до целосна либерализација и целосно укинување на квотите за лекови во цела земја.
Филипче вели дека во туристичките места со години наназад локалното население се соочувало со недостиг на лекови, бидејќи туристи од други градови си носеле рецепти со нив и во Охрид и Струга ги подигнувале лековите.
Надлежните велат дека овој период работат на утврдување на контролни механизми со кој ќе спречат злоупотреби при укинување на квотите. Една од мерките ќе биде пациентот лично, со лична карта да ја подига терапијата во аптека.
Филипче не прецизира кој правел криминал со фиктивни рецепти како што неодамна соопшти премиерот Заев, но вели дека во септември ќе излезат со цела анализа на оваа тема. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива