Охрид, 2. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот чинар кој е еден од заштитните знаци на Охрид, повторно беше оштетен последното невреме кое го зафати Охридскиот регион.
Со секој снежен бран се откинуваат гранките на илјадалетното дрво, а токму заради тоа што е заштитено како природен споменик, никој не смее да ги отстранува искршените и исушени гранки кои се испаднати покрај него.
Во август 2002 година силен ветер ја урна најкрупната гранка од чинарот заедно со дел од старото стебло. Тоа беше причина да се заштити и конзервира од вакви слични временски неприлики, но се чини дека оттогаш досега не се преземени никакви други дополнителни мерки бидејќи дрвото очигледно дека не е доволно заштитено.
Чинарот во Охрид е сврталиште на граѓаните, но и на туристите кои го посетуваат градот. Според народните преданија и легендите, дрвото го засадил Свети Климент Охридски уште во првата половина од деветтиот век. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес