ноември 27, 2017

Охрид, 27. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Инфо ден во LIGO центарот, партнер на Центарот за компјутерски обуки Семос Едукација во Охрид.

Заинтересираните за информатичките вештини, но и слушателите на компјутерските курсеви се запознаваат со програмата и содржината на обуките, предавачите и можностите за сертифицирање на здобиените знаења.

Семос Едукација има над 300 различни видови на курсеви, а идејата и целта ни е во Охрид да бидат застапени што е можно повеќе од тие обуки. Најпрво започнуваме со детскиот едукативен центар, кој е еден од најстарите, постои веќе 21 година, вели Наташа Ристеска – Тодоровска, раководител на детскиот едукативен центар во Семос Едукација и задолжена за делот за IT безбедност.

NatasaSemos

– Со детскиот центар започнуваме со 4 програми, бидејќи првично не може да се почне се одеднаш, а дел од курсевите одат последователно. Целта е децата да ја научат и вистинската намена на компјутерот. Младите се родени со компјутер, меѓутоа се поставува прашањето дали се компјутерски писмени. Често родителите велат детето е по цел ден на компјутер, но прашање е дали знае се. Децата пред се компјутерот го перцепираат за забава. Со овие обуки целта ни е тие да научат да користат различни софтвери кои ќе им помогнат и во школо и во животот, потенцира Ристеска – Тодороска.

Со обуката опфатени се основни IT вештини, Adobe Photoshop, основи на C ++ – основи на програмирање и веб дизајн.

– Во основни ИТ вештини, ќе бидат опфатени прашањата што е компјутер, неговите делови, хардвер и софтвер, да им се појаснат тие поими, што е оперативен систем, а што апликативен софтвер и преминуваме на Word, Excel и Power Point согласно нивната возраст. Втората програма е еден од курсевите што ги имаме за графички дизајн тоа е Adobe Photoshop, почнуваме со наједноставното. Третиот курс е основи на C ++ тоа е првиот курс за програмирање. Може да го посетуваат деца над 12 годишна возраст, затоа што програмирањето е една поапстрактна материја, со ставање акцент на деца од деветто одделение и прва година средно образование. Четвртата е курс во рамки на веб дизајн – HTML  и CSS тој дел како посебна област има и други курсеви кои понатаму ќе ги понудиме, вели Ристеска Тодоровска.

Еден курс, освен основен 1, трае по 30 часа. Динамиката на реализиација е по четири часа неделно, односно два дена во неделата. Од прилика еден курс трае два и пол месеци. Основен 1 трае 57 часа и соодветно ќе трае скоро едно цело полугодие.

Паралелно со ова во скоро време ќе стратуваат и уписите за возрасни. Покрај едукација,Семос нуди и сертификација, односно потврда на знаењето, за Word, Excel, програмирање, Autodesk, Adobe и други.

За да се излезе во пресрет на фирмите, се нудат и прилагодени обуки за компании, за нивните вработени. Освен што имаат стандардни програми ,соодветни за полагање на MOS сертификатот (Microsoft Office Specialist), обуките може да бидат изградени според потребата на компанијата, а може да се реализираат во фирмата или во просториите на LIGO Центарот.

Во понудата се и обуки за професионалци, за вендорите, луѓе кои професионално се знаимаваат со  информатичката технологија.

– Предавачите се од Охрид. Тоа се професионалци во соодветната област, но подготвени од наша страна, со наши методи на работа. За одредени профили за кој нема соодветен кадар во Охрид, ќе има и визитинг предавачи од Скопје, рече Ристеска Тодоровска.

Од Семос Едукација се надеваат дека и некои од слушателите би можеле да постанат и предавачи во иднина.

Семос Едукација е водечка компанија во обуките на полето на информатичката технологија. После 22 години успешна работа во Скопје и повеќе од 55.000 ученици, конечно започна со работа и во Охрид, во просториите на нивниот партнер, LIGO Центарот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука