Скопје, 16. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Започна аплицирањето по јавниот повик за користење на годишен одмор за работници со ниски примања, кое ќе трае до 29-ти септември.
Може да се пријавуваат работници чии примања во семејството не ги надминуваат нето приходите од 22 000 денари и тие ќе може да искористат субвенции од 15 000 денари за петдневен одмор во некој од туристичките центри во земјава.
Притоа, едно лице може да поднесе само едно барање, а потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот „прв дојден прв услужен“.
Министерството за економија за оваа мерка обезбеди 60 милиони денари за споменатата категорија работници, со кои ќе бидат субвенционирани 4 000 семејства. Подетални информации и потребните обрасци за аплицирање, може да се најдат на страната на министерството за економија.
Барањето треба да се достави до архивата на Министерството за економија лично или преку пошта на адреса „Јуриј Гагарин“ бр. 15 Скопје, а листата на баратели кои доставиле уредна и комплетна документација ќе биде објавена на веб страната на министерството најдоцна седум дена од денот на утврдувањето на листата.
Инаку, ресорниот министер Крешник Бектеши оствари работна средба со претставници на угостителските и туристичките комори во земјава. На нивно барање, кое било прифатено од министерот, при добивање на потврдата, апликантите ќе добиваат и список на хотели каде истите ќе можат да ги користат услугите, со конкретни понуди. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива