Охрид, 5. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со стартот на реализацијата на Годишната програма за организација на јавни работи, Општина Дебрца го одбележа 5-ти јуни, Светскиот ден на животната средина.
– Jавните работи ќе се организираат за одржување на јавната инфраструктура и одржување и заштита за животната средина и природата (одржување-чистење на крајпатната вегетација на општинските патишта и улици, чистење и санација на дивите депонии, чистење и одржување на речните корита, канали, одводи, јавни површини, паркови и хортикултурно уредени локации во селата, фудбалските игралишта, подобрување на условите за живеење и други работи). Со програмата работно се ангажирани 10 долгорочно eвидентирани невработени лица, за период од 5 месеци, информира градоначалникот Зоран Ногачески.
Тој додава дека за потребите на јавните работи биле набавени и соодветни машини, ХТЗ опрема и алати (моторна коса тример, моторна пила телескопска, машина за сечење на асфалт, моторна пумпа за наводнување и одводнување, апарат за заварување, брусалици, градинарски и друг алат), а најавува и дека ќе биде ангажирана и соодветна механизација. (Крај)
извор: општина Дебрца фото: општина Дебрца