јули 15, 2019

Охрид, 15. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска започна да функционира новиот систем за електронско евидентирење на движењето на моторните возила во Стариот дел од градот, кој е поприлично изменет во однос на ланскиот.

– Во куќичката поставена во премиум зоната наспроти поштата за наплта на паркинг ќе е целиот систем за функционирање на рампите. Ќе имаме 24 часовен видео надзор на Горна порта и Каменско, како и физичко присуство за соодветно да се излезе во пресрет на граѓаните. На пример лицето на Горна порта, ако дојде некој со резервација во Стар град, тој ќе го комуницира центарот и оттаму ќе биде отворена рампата. Жителите на Стар град кои очекуваат гости од денес за утре ќе треба списокот на гости да го достават во центарот кај премиум зоната и таму ќе има список од секој турист кој треба да пристигне во Стар град. Ако го нема неговото возило на списокот, нема да биде пропуштен. Во текот на неделата ќе испечатиме и флаери кои ќе бидат разделени и каде се’ ова ќе биде подетално објаснето, рече градоначалникот Константин Георгиески.

Системот е ставен во функција за влез и излез со помош на магнетни картички кај „Горна порта”, „Фаќач на крст” и црквата „Света Богородица-Каменско”.

Сите граѓани на стариот дел на градот кои до сега немаат обезбедено магнетни картички, денес ќе можат да го напуштат стариот дел на градот само преку излезната рампа кај „Горна порта”, а за повторен влез ќе мора да обезбедат магнетна картичка, која ја издава Секторот за комунален развој, сообраќај и улици при општина Охрид.

Испорака на роба во стариот дел на градот ќе може да се врши во врменескиот период од 05:00 до 10:00 часот. Па и економските оператори кои вршат испорака на стоки и производи во овој дел ќе мора да обезбедат картички. Секој ден во временскиот период од 19:00 до 05:00 часот на улиците „Цар Самоил” и „Коста Абраш” ќе има забрана за сообраќај, а целиот сообраќај ќе се одвива преку Горна порта и исклучниот пат за црква „Каменско”.

Од ЈП „Билјанини извори“ информираат дека почна да функционира и премиум зоната за наплата на паркинг, која ќе се применува на сите јавни паркиралишта и површини на кои ќе се врши паркирање на улица „Македонски Просветители” од пресекот со улица „Партизанска” до потегот на кружниот тек на плоштадот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука