Скопје/Охрид, 26. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од утре до 14 јуни во средните училишта низ Македонија ќе се полагаат екстерните испити од државната матура во јунската испитна сесија.
Според податоците од Државниот испитен центар во оваа сесија за полагање државна матура се пријавени 16 426 кандидати.
За утре е закажано тестирањето по мајчин јазик и литература, а полагањето е со почеток во 10 часот. Од Државниот испитен центар информираат дека пријавени се 10 632 матуранти за полагање македонски јазик, 5 120 за албански јазик и 418 за турски јазик.
На 10-ти јуни средношколците ги очекува полагањето странски јазик. И оваа година, како по традиција, најмногу пријавени има за полагање англиски јазик – 15201, за француски јазик има 108, за германски 197 и за руски јазик 26 кандидати.
Математика ќе се полага на 12-ти јуни, додека последниот екстерен испит од државната матура ќе се полага на 14-ти јуни. Тука матурантите ќе избираат меѓу неколку предмети (биологија, хемија, физика, историја, бизнис, филозофија и естетика).
Со исклучок на математика, тестовите ќе се реализираат во просториите на училиштата. Конкретно за Охрид, тестирањето на пријавените матуранти за математика од сите четири охридски средношколски центри ќе се реализира во просториите на гимназијата.
Прелиминарните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна до 14-ти јули, односно еден месец од спроведувањето на последниот екстерен испит. Овие резултати ќе бидат и конечни за кандидатите кои нема да поднесат приговор.
Доколку кандидатот смета дека е направена грешка во оценувањето на испитните задачи, во пресметувањето на бројот на бодовите или во изведување на оценката, може да достави приговор во рок од два дена по нивното објавување.
На овие кандидати, конечните резултати ќе им бидат достапни по завршување на процесот на приговори.
Полагањето на испитите од државната матура ќе биде виза за упис на матурантите на некоја од високообразовните институции. (Крај)
извор: Државен испитен центар фото: архива