Охрид, 30. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Стевче Стевоски на претстојните локални избори, закажани за 15-ти октомври ќе оди како независен кандидат.
Во разговор за Супер радио и OhridPress ја открива причината поради која одлучил да влезе во трка на Локалните избори 2017 година.
– Идејата потекнува од мојата желба сите овие години да ја подобрам, пред се безбедносната состојба во државата, а посебно во Охрид, борбата против незаконитото работење на поединци,јавните служби, организираниот криминал што се јавува, потоа спроведување на законот за борба против урбаната мафија, каде сметам дека можам да придонесам тоа зло да се намали.
Сметам дека како градоначалник на Општина Охрид треба да работам совесно, односно да вршам должен надзор врз работата на сите овие служби. Секако, ќе го искористам своето искуство во борбата против криминалот.
Приоритет ќе ми биде почитувањето на законите за туристичка и угостителска дејност и за бучава, потоа тука е сообраќајното уредување и проблемот со обезбедување паркинг простор во Охрид, потенцира Стевоски.
Инаку, Стевче Стевоски е роден во 1967 година, во село Елшани. Има завршено Факултет за безбедност, како дипломиран криминалист, а негова специјалност е организираниот криминал во државните и јавните претпријатија. Вработен е во МВР/СВР Охрид каде има веќе 28 годишен работен стаж.
Согласно законските прописи за валидизирање на неговата кандидатура, досега Стевче Стевоски има собрано повеќе 250 потписи. Законски потребниот број на потписи, 350, Стевоски очекува да го обезбеди до понеделник, 4-ти септември, кога истекува рокот за собирање потписи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива