Скопје, 14. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Кај тројца пациенти во земјава е откриен сојот омикрон стелт, покажало последното секвенционирање на лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје, соопштија од Министерството за здравство.
Оттаму информираат дека е извршено секвенционирање на 41 позитивен примерок на SARS-CoV-2 од следните градови: Скопје 13, Тетово 4, Гевгелија 4, Велес 3, Кочани 3, Свети Николе 3, Неготино 2, Кавадарци 2, како и примерок од Охрид, Струга, Куманово, Струмица, Гостивар, Валандово и Виница.
Кај 35 примероци е докажана BA.1 сублинијата на омикрон. Кај 3 примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон, позната уште и како „stealth“ (два се од Скопје и еден од Струмица).
Во нашата земја сѐ уште циркулира и варијантата делта (B.1.617.2), докажана кај 3 примероци (двајца се од Гевгелија и еден од Велес).
Кај два примерока е потврдено присуството на Influenza H3N2. (Крај)
извор: utrinskivesnik.mk фото: архива