март 17, 2017

Охрид, 17. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Грижата за денталното здравје кај охриѓани е на исто ниво, а има подобрување кај помладата популација, која е повеќе информирана во однос на естетиката на забите, вели стоматолог д-р Беби Ласовски, претседател на Регионален одбор на стоматолози Охрид и делегат во Собрание на Стоматолошка комора на Македонија.

Во пресрет на 20-ти март, Светскиот ден на денталното здравје, стоматолозите апелираат претежно кај младите да се поттикне навиката за редовни стоматолошки прегледи.

– Во однос на навиката за редовни контроли на забите, граѓаните немаат многу таква навика. Од пациентите кои се кај мене, на прсти можат да се избројат оние кои редовно доаѓаат на контрола. Контролите се препорачливи еднаш на шест месеци. Најчестото заболување на забите е кариесот. Кај повозрасната популација е поизразена парадентопатијата. Додека кај естетскит зафати, тренд е белеењето на забите, но тоа малку поскапа процедура. Исто така голем број на млади се трудат да имаат прав забен низ, објаснува стоматолог д-р Ласовски.

doktorbebi1

Додава дека континуирано се врши превентивна заштита со залевање на фисури кај децата од школска возраст. Главна препорака до родителите е тие да им ги мијат забите на децата до 4-5- годишна возраст, поради тоа што децата во тие години не можат да знаат како правилно се мијат забите.

– Задолжително е миењето на забите два пати дневно, наутро и навечер. Има специјални четки кои се за миење или чистење на јазикот, а исто така треба да се користи забниот конец. Тоа треба да е многу внимателно, затоа што при форсирање, се нарушува интерденталната папила на забите, дополнува стоматолог д-р Ласовски.

Како што додава стоматолог д-р Ласовски, КЕП индексот (кариес екстракција пломба) во Македонија е на доста високо ниво во однос на другите западно европски земји. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука