Охрид, 27. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со традиционалното сечење на славската погача, пченица и молитва, како и со културно-забавна програма, Здружението на Србите од Охрид „Коштана“ денес го одбележа празникот „Св. Сава“, кој беше неработен за припадниците на српската заедница во Република Македонија.
Според првиот човек на Здружението „Коштана“ Среќко Стојановиќ, станува збор за еден од најголемите празници кои го прославуваат Србите, каде и да се во светот.
– Ние како српско здружение во Република Македонија постоиме од самото осамостојување на државата. Празникот Св. Сава го славиме по 11 пат, како слава на нашето здружение во Охрид. Св. Сава за нас Србите е голем светец затоа што тој е првиот српски архиепископ и има толку голема тежина што во Србија се слави како Ден на образованието. Тој е српски претстолонаследник кој се откажува од престолот и целиот имот го вложува во црквата за образование и напредок на Србија, истакна Стојановиќ.
На прославата присуствуваше и Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, секретарот Игор Бежоски, како и други видни граѓани, пратеници и претсставници на јавниот живот во градот.
Здружението на Српската заедница во Охрид, „Коштана“ брои околу 320 членови кои заеднички го одбележуваат и празнуваат. Српската заедница во Република Македонија е здружение на граѓани, регистрирано во 1991 година во Скопје. Целта на ова здружение е зачувување на идентитетот, културата и јазикот на Србите во Македонија и одбележување на значајни датуми од историјата на Србите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива