Охрид, 27. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Наша мисија е од Охрид да создадеме препознатлива и атрактивна дестинација, која ќе биде бренд во туризмот, па затоа ќе воведеме некои клучни стратешки промени кои ќе го одбележат туристичкиот развој на Охрид, истакна на денешниот прес кандидатот за градоначалник од СДСМ, Јован Стојаноски.
– Со сите поволности кои ги поседува Охрид, во туристичката понуда ги додаваме здравствениот, спортскиот, wellness и incentive туризмот. Нашата цел е со воведувањето на овие стратешки насоки да го позиционираме Охрид како една од најпосакуваните дестинации на туристичкиот пазар. Со развојот на туризмот, ја помагаме и локалната економија. Работата со здравствениот туризам отвора нови работни места за доктори, медицински сестри, физиотерапевти и други здравствени работници, луѓе кои досега излезот го бараа во странство, подвлече Стојаноски.
Освен тоа, Стојаноски истакна дека предвидуваат и формирање на кластери, заеднички настапи на саеми, онлајн резервации и програми за одредени здравствено – алтернативни методи. Со овие стратегии ќе се зголеми атрактивноста на градот како туристичка дестинација, ќе се зголеми бројот на ноќевања, економски развој и зголемување на траењето на туристичката сезона.
Стојаноски потенцира дека Охрид заслужува да биде најпосетената туристичка локација во светот. Му го должиме тоа на градот, во чија лулка се распослани некои од најзначајните културни,историски и природни богатства. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес