Охрид, 16. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во големата сала на Општина Охрид денеска беше презентирана предлог програмата за заштита на луѓето од кучешки напади, изработена од страна на професионалниот дресер на кучиња Ефто Стојаноски, а истата, како што информираше, ќе биде предложена и до надлежните во локалната и централната власт.
– Преку програмата предвидувам подобра заштита на децата, а истовремено ќе се заштитат и домашните животни и другите кучиња. Колку подобра заштита на луѓето од кучешки напади, толку подобра заштита и на самите кучиња од масовни труења и убивања, вели Стојаноски за порталот Охрид 24.
Според него, главните причини за агресивните напади на кучиња се нивното неправилно чување и дресирање, погрешната едукација на љубителите на кучињата, но и новинарите кои преземаат разни извештаи од насекаде низ светот, а во кои се прикажуваат кучињата единствено како животни кои треба да се заштитат, да се згрижат, но не се прикажуваат опасностите.
– Ќе се згрижат кучињата и животните, но треба да се заштитат и луѓето. Преку точките во мојата програма предвидувам заштита на луѓето. Ќе ви кажам еден пример за кучињата кои се врзани во дворовите без ограда. Постојат многу такви случаи. Агресивно и опасно куче врзано покрај патот, а ограда нема. Кучето се отпушта од ланецот и ќе настрада првиот човек кој ќе помине. Предвидувам такво куче веќе да не постои: врзано на ланец во двор без ограда. Мора да има добра и безбедна ограда, а оние поопасните кучиња треба да се чуваат во бокс затворен од горната страна, посочува Стојаноски.
Тој додава дека мора да има едно овластено лице – инспектор кој ќе биде стручен, ќе настапи на терен и ќе знае да процени дали кучето кое е пријавено од страна на граѓаните е опасно и треба да биде заловено.
– Треба да постои и шинтерска служба за тоа, а не како сега имаме полно пријави за агресивни кучиња, но што можат на тоа да прават полицајците, ништо. Тие не се шинтери, па да го заловат. Непотребно е вината да се префрла на полицијата. Потребно е да се изградат мини стационари, неколку бокса и инспектор кој ќе има задача да проценува кое куче е агресивно. Да се заловуваат само агресивните кучиња, кои потоа би се чувале во стационар две недели, како што е предвидено со законот. Доколку сопственикот после тој период не дојде да си го земе, истото може да се поклони, а неговата агресивност може да се среди, преку работа со кучето од страна на стручно лице, а во краен случај, се разбира, се предвидува евтаназија, вели Стојаноски, посочувајќи дека на овој начин нема да се згрижат сите кучиња, но ќе се спасат луѓето од напади. (Крај)
извор: Охрид 24 фото: Охрид 24