февруари 24, 2015

Охрид, 24. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Наглото зголемување на температурите на воздухот може негативно да се одрази врз здравјето на луѓето, предупредува доктор Ацо Стојаноски, раководител на Итната медицинска помош во Охрид.

Според него, каква било нагла промена на температурата, кон пониска или повисока, влијае врз луѓето.

– Се’ што е нагло, негативно се одразува врз здравјето, не само кај хроничните болни, туку и кај сите луѓе. Сепак, засега во нашата служба нема зголемен број на пациенти кои се жалат на потешкотии поради ваквите временски прилики, вели доктор Стојаноски.

Како што додава тој, лекарска помош најчесто бараат граѓаните кои имаат вирози.

– Очекувано е во овој период од годината да се зголеми бројот на заболени од вирози, додава д-р Стојаноски.

Во однос на земјоделските култури, познавачите на приликите во Охридскиот регион велат дека зголемувањето на температурите нема да предизвика големи и значителни штети зашто оваа година имавме добра зима.

– Во овој период од годината е добро што температурите се зголемуваат постепено. Исто така е важно што изминатиот период имавме доста ниски температури што е особено важно, зашто топлиот бран во зима може да ги намами овошките предвреме да созреат, појаснува Ванчо Стојаноски, производител на органска храна од селото Орман.

vanco_stojanoski

Според него, неповолни временски прилики во Охридскиот регион имаше минатата пролет.

– Температурата на воздухот, во зимскиот период минатата година беше над просекот, така што тоа придонесе за забрзана вегетација на овошките кои веќе имаа цутови, а некои и развиени плодови. Во месец април, температурите паднаа под нулата и тоа беше шок за насадите, а особено за црешовите дрва, кајсиите и праските заради што им беше неопходен и соодветен третман, потсетува Стојаноски.

Ohrid_ezero

Поголемото количество дожд и снег што заврна во Охрид во текот на изминатите неколку месеци, поволно ќе влијае врз хидролошката состојба, особено врз водостојот на Охридското Езеро кој заради сушниот период минатото лето се движеше околу критичната точка. Нивото на водата е сега зголемено со надојдените подземни води, но како што велат хидролозите, нема опасност од прелевање на езерото. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука