Охрид, 18. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – На поплавеното плодно земјиште во државава ќе му требаат најмалку две до три години за да може се опорави, предупредува охриѓанецот Ванчо Стојаноски, екологист и производител на органска храна.
Тој појаснува дека природниот синџир којшто беше воспоставен, со надојдената вода и полплавите е нарушен.
– Природата не може повторно да го воспостави тој синџир преку ноќ, туку ќе бидат потребни две до три години за да може земјата да се врати во претходната состојба пред да биде поплавена и да даде здрав род. Сепак, се работи за жив свет, за една симбиоза која сега е нарушена, вели Стојаноски.
Од друга страна, додека се овозможи нормално производство на земјоделските култури во државава, според него, ќе мора да се увезува зеленчук и овошје и други култури однадвор. Поради недостиг на раноградинарски производи, познавачите на приликите велат дека е можно нивната цена на зелените пазари да биде повисока.
– Очекуваме, со оглед на тоа што ќе се почувствува недостиг на земјоделски производи заради поплавите, нивната цена на пазарите да биде повисока, вели закупец на тезга во охридскиот пазар кој продава овошје и зеленчук.
Поради поплавите, земјоделците е можно да се соочат и со наезда од глодари кои можат да го уништат и она малку што тие го спасиле од своите посеви.
Студениот бран проследен со обилни врнежи од дожд и снег изминатиот период го зафати и Охрид, но во Охридскиот регион не предизвика сериозни поплави врз земјоделските површини. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива