Охрид, 29. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Имаме извршување на буџетот во 54,3 проценти што значи дека тој и годинава нема да биде остварен така како што беше планиран, изјави на денешната седница на Советот на Општина Охрид, координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојановски.
Според него, за две седмици ќе има ребаланс на буџетот и со тоа ќе има скратување на одредени програми кои им се ветени на граѓаните зашто ќе нема средства за нивно реализирање.
Стојановски денеска изнесе низа забелешки на советничката група од неговата партија.
– Најсериозните забелешки денеска ги дадовме во поглед на извештаите и лошиот квалитет на нивната изработка. Го посочивме извештајот на Секторот за ЛЕР во кој се наведени некои активности кои директно не придонесуваат за локален економски развој. Имаме забелешки и на тие фамозни К2 обрасци, а тоа се обрасци во кои ќе видиме колкави се краткорочните и долгорочните задолжувања на општина Охрид. Зошто општината не ни ги дава тие обрасци во кои се содржани тековните обврски, се уште не знаеме. К2 образецот за претходниот квартал обврските на општината беа конфузни наведени но дефинитивно го надминуваат проектираниот буџет, што значи тие обврски се преку милијарда долари, рече Стојановски.
Како што додаде тој, долговите што се прикажуваат од страна на сегашната локална власт не се направени само од претходниот градоначалник, туку и од оние кои раководеле со општината пред него.
– Нашиот став е да седнеме заеднички и да ја утврдиме генезата на долговите, а не само да не обвинуваат нас, дека претходната гарнитура ги направила долговите. Но не е така. Долговите си имаат долгорочна, да не речам, дведецениска генеза и настанале и во времето на владеење на претходните градоначалници, а не само на претходниот градоначалник, додаде Стојаноски.
Од општина Охрид пак негираат дека не им ги доставувале бараните материјали на советниците во писмена форма.
– Се она што советниците на општина Охрид побарале со писмено известување, добиле. Сме им ја доставиле сета потребна документација наведена во нивното барање, е ставот на општинските служби.
Секретарот на општината Димитар Спасески негираше дека буџетот е реализиран во помал процент.
– Краен рок за носење ребаланс на буџет е 15-ти ноември во тековната година. На опозицијата не и треба многу наука за да каже дека за две седмици ќе има ребаланс на буџетот. Не се согласуваме со нивните тврдења дека буџетот се реализира во недоволен процент. Апсолутно дека тој има солидни приходи и следствено на тоа, општина Охрид секојдневно испорачува и дел од заостанатите долгови, истакна Спасески на денешната седница. (Крај/А.Р.)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес