Охрид, 14. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Театар и мултифункционален центар е предвидено да се гради на местото на летната кино бавча зад Центарот за култура „Григор Прличев“, изјави за Супер радио и OhridPress директорот Горан Стојаноски.
Тоа е идејата за облагородување на овој простор, но кога ќе се реализира сѐ уште не се знае, бидејќи сопственик е државата.
– Ова е простор на министерство за култура, ние сме само корисници, тие треба да кажат. Инаку планот е тој, на ова место да се изгради театар и мултифункционален центар, рече Стојаноски.
Некогаш популарната кино бавча е отворена во 1963 година и била место за дружби и уживање на охриѓани во кино проекции под отворено небо. Сега, иако се наоѓа на супер-атрактивна локација во самото срце на градот, сепак веќе подолг период не се користи за она за што е направена туку е „паркиралиште“ на вовче, пловни објекти налик на педалинки…
Се правеа заложби за нејзино повторно ставање во функција. Па, така во 2013 година просторот беше среден реновиран и повторно отворен за публиката, каде се одржуваа претстави, изложби… но тоа траеше неколку години.
Инаку, веќе години наназад се зборува дека на Охрид му е потребен современ театар, имаше и најави дека на местото на сегашниот Центар за култура ќе се гради нов театар и современа кино сала, но од сето тоа досега ништо не се оствари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес