Охрид, 23. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Улицата „Македонија“ и оваа сезона останува сообраќајница. Тендерот за изработка на режимот на сообраќај е веќе завршен, рече градоначалникот Јован Стојаноски на денешното презентирање на тренинг програмата за адаптирање на улица „Македонија“ во пешачка зона.
– Со оваа тренинг програма сме во една рана фаза на размислување и во проектирање на идниот изглед на улицата „Македонија“. Понатаму ова треба да предизвика и донесување на интегрирана урбана стратегија за развој на градот Охрид. Две вработени од секторот урбанизам се вклучени во работилниците и семинарите. Ова не мора да значи дека проектот ќе се реализира годинава или наредната, туку е еден проект кој општината го планира во текот на следните години, потенцира Стојаноски.
Деканот на Архитектонскиот факултет, професорот Огнен Марина, потенцира дека Охрид е вклучен во проектот во рамки на потпишаниот меморандум за соработка меѓу општината и факултетот. Целта на тренинг програмата е изработка на проекти за одржлив развој. Тренинг програмата трае 18 месеци, а првата третина е помината.
– Тренинг програмата не се базира на крајната цел, одниосно не се започнува од конечниот производ, нешто што за кај нас е невообичаено, туку се фокусира на процесот. Не само што се доаѓа до идеите, туку се комуницира и со граѓаните, тие се вклучени во процесот на одлучување низ низа активности. Преку спроведување на визиите ќе дојдеме до подобри градови во Макеоднија особено во Охрид. Ова би значело градови за граѓаните. Досега премногу се инсистираше на парадигмите од минатиот век каде посебните системи – сообраќај, отпад, туризам… се набљудуваа сепаратно, без да се согледаат меѓусебните синергии. Токму суштината на овој пристап е нивно препознавање. Конкретно за улицата „Македонија“, не може да се набљудува само сообраќајното решение. Придобивките но и предизвиците мора да се гледаат и низ призмата на сообраќај, третман на отпад, на водата, на туризмот, за да може да се согледаат потенцијалите кои произлегуваат од тие синергии, подвелече Марина.
Општина Охрид, преку своите претставници Лилјана Јоноска и Билјана Ангелоска од Секторот за урбанизам, е учесник на Тренинг програмата „Овозможување локална демократија и холистички урбан развој преку SymbioCity пристап“, заедно со претставници од други седум градови од Србија, Украина и Турција.
Охридскиот тим, како урбанистички предизвик во рамки на програмата, ќе го работи проектот „Нови хоризонти преку унапредена пешачка зона“, кој се однесува на адаптирање на улица „Македонија“ во пешачка зона. Проектот ќе се работи на ниво на физибилити студија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес