Охрид, 23. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Утре навршуваат шест години откако почна да се пишува една супер успешна охридска бургер приказна, Bro’s Burger Station.
Браќата Филип и Бојан Стојковски започнаа спонтано, но за кратко време создадоа бренд, наметнувајќи се со квалитетот на храната и услугата, а покажаа и иновативност во создавање нови вкусови на бургери.
Во пресрет на роденденот поразговаравме со еден од сопствениците Филип Стојковски.
Супер радио: Полни шест години сте препознатлив бренд меѓу охриѓани, но и туристите. Мало потсетување како започна вашата приказна?
Стојковски: Нашата приказна почна сосема спонтано, иако имавме желба неколку години да отвориме објект за бургери, сепак не очекувавме ваков правец и крајна цел.
Супер радио: Колку потрошувачите беа подготвени за нови вкусови, впрочем по што вашите бургери се различни од останатите?
Стојковски: Знаете како е кај нас, секој нов вкус, нова идеја, нов концепт е проследен со „отпор“ кај народот, но ние сме едни од тие кои имавме „среќа“ да бидеме прифатени со вкус од самиот старт.
Супер радио: Колку и какви бургери имате на вашето мени, какво месо користите?
Стојковски: Нашето мени е константно подложно на промени и новитети. Во моментов на понуда имаме 13 видови на бургери во пилешка и говедска варијанта.
Супер радио: Што може да издвоите како ваш специјалитет и што е најново во понудата?
Стојковски: Смоуки бургерот е доста интересен заради неговата подготовка и презентација, а како најнов ексклузивен специјалитет е бургерот со мелен телешки бифтек.
Супер радио: Има ли разлика меѓу популарниот хамбургер и бургер?
Стојковски: Познатиот балкански хамбургер е различен од бургерот по неговите стандарди при изборот на самите парчиња месо кои се мелат, како и самата подготовка и концепт на крајниот производ.
Супер радио: Од минатата година сте на нова локација во центарот на градот. Колку сте задоволни од посетеноста?
Стојковски: На сите локации кои бевме низ годиниве, реално бевме задоволни. Како најголема предност на нашата нова локација е високиот процент на посетеност на странските туристи.
Супер радио: Планови за следниот период?
Стојковски: Крајна цел која некогаш планираме да ја оствариме ни е франшиза низ цела држава. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива