Кичево, 5. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Влажните коловози прекриени со снег претставуваат вистински проблем за возачите кои попладнево патуваат кон Скопје, на потегот преку Кичево.
Видеото кое ни го испратија читатели на OhridPress покажува за каков проблем се работи и дека возењето се одвива отежнато, пред се` поради снегот кој се наоѓа на коловозот и го отежнува движењето.
Во раните утрински часови имаше врнежи од снег со послаб интензитет на планинскиот превој Стража. Врнежи од слаб дожд се бележат во Охрид и Дебар, информираат од Автомото сојузот на Македонија.
Според прогнозата на Управата за хидрометеролошки работи на Македонија (УХМР), пообилни врнежи ќе има во попладневните и ноќните часови. Насекаде ќе се формира снежна покривка, на планините и до 50 сантиметри. Ќе дува умерен, попладне засилен северен ветер, но во јужните делови претпладне ветерот ќе биде јужен. Од ЈП „Македонија пат“ апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите на патот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Никола Цобоски