Струга, 2. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Низ струшките улици и годинава ќе се одржи најмасовната литија за празникот Ѓурѓовден.
Во понеделник, 7- ми мај илјадници граѓани повторно ќе бидат дел и ќе ги дочекаат светите мошти на Св. Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона.
Литијата е многу стара духовна традиција што ја практикуваат православните христијани во Струга. Со неа се слави светецот, но се осветува и целата природа во градот и околината.
– Имаме потврда дека литијата постои стотици години наназад, поточно околу петстотини години. Во ваква организација, со носењето на моштите на Свети Георгиј од Бигорскиот манастир се изведува веќе неколку години наназад. Со чудотворната икона, литијата се одржувала долги години, особено по осветувањето на црквата „Свети Георгиј“ во Струга во 1835 година, еден ден по празникот, односно на 7-ми мај, велат од црквата „Свети Георгиј“.
Од годинава има и неколку новини поврзани со Струшката Литија (Еордија). Ќе биде донесена Пречистанската (Крнинска) икона на Мајката Божја што доаѓа од импозантниот манастир „Богородица Пречиста“ во Кичево, а која ќе биде богато украсена и носена од верните граѓани од овој град. Со оглед на тоа што литијата прераснува во семакедонски настан, оваа година, во знак на единството и соборноста, моштите на Св. Великомаченик Георгиј Победоносец ќе бидат носени, не како досега од четворица видни граѓани на Струга, туку и од жители од другите градови од земјата. Овој пат се избрани по еден битолчанец и охриѓанец и двајца стружани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива