Струга, 24. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на месец април професионални фотографи од неколку земји од светот ќе учествуваат на Првиот Меѓународен самит за фотографи и видеографи, кој ќе се одржи во Струга.
Самитот ќе се организира од 11-ти до 13-ти април годинава.
Ќе има учесници од Полска, Тајван, Франција, Русија, Португалија и домаќинот – Македонија. Самитот е во организација на професионалното студио за фотографија „Angelovski Photography“ од Скопје. Интересно е што ќе има посебни програми за видеографи, со што лицата кои се занимаваат со оваа дејност ќе добијат шанса да партиципираат заедно со нивните колеги фотографите.
На семинарот главна тема на обработка ќе биде отворената дискусија за паралелата меѓу уметничката фотографија и колку преку оваа дејност може да се основа сопствен бизнис. Учесниците ќе можат да научат нови техники и нови начини на пристап при фотографија. Ќе има и промоција на нови производи од фотографијата, видеографијата и дигиталните медиуми. Активностите ќе се одвиваат преку предавања и работилници.
Предавачи ќе бидат познати имиња од светот на фотографијата, Грег Момен од Полска, Хуанг Сусу од Тајван, Дејвид Брено од Франција, Дмитри Усанин од Русија, Серџо Дуарте кинематограф од Португалија, а од Македонија ќе предаваат Бојан Митковски, Томислав Георгиев и Роберт Атанасовски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива