Струга, 30. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Центарот на заедницата на Општина Струга во периодот од 25-ти до 31-ви декември минатата година како дел од своите предвидени активности спроведе анкета на тема „Што би му подарил на градот“.
Анкетата беше спроведена врз 100 испитаници од кои 40% беа од македонска националност и 60 отсто од албанска националност. Анкетата беше спроведена на територијата на општина Струга на неколку локации: во кафетериите „Пливалиште“, „Грифон“, „Релакс“, „Блок“ и „Irish Pub“, во Пошка театар – Арт кафе, како и на ФБ-страната на Центарот на заедницата.
Околу 22 проценти од испитаниците на Струга би и подариле семафори. Петнаесет проценти се за нов дрвен мост, 12 отсто од анкетираните изјавиле дека сакаат изградба на фабрики и вработување на младите. Вкупно 9 проценти биле за изградба на отворен или затворен базен, а исто токав број испитаници кажале дека сакаат да имаат асфалтирани патишта. Седум отсто се изјасниле за детски игралишта, а само шест проценти од анкетираните стружани изјавиле дека сакаат да се уреди сливот на реката Црн Дрим.
Во однос на тоа што би промениле, граѓаните кои биле дел од анкетата истакнале неколку предлози. Десет отсто од нив посакале функционално кино, 8 проценти посакале дислокација на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во нова зграда и дислокација на депонијата, седум отсто одговориле дека треба да се дислоцира паркингот од плоштадот, а само четири проценти се изјасниле дека треба да се менува квалитетот на образованието.
Резултатите од спроведената анкета беа соопштени денеска пред вработените во Општина Струга и пред членовите на струшкиот Совет. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес