Струга, 20. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во струшкиот основен суд започна судењето против градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за несовесно работење во службата односно дека незаконски назначил директори во училиштата во селата Подгорци и Лабуништа, како и во едно во Струга.
– Не чувствувам вина за кривичните дела за кои ме товари Јавното обвинителство, бидејќи направив континуитет во работата на основните училишта, рече Мерко пред судот, јави Канал 5.
Според обвинението во училиштето во Подгорци, Мерко назначил за директор лице кое немало петгодишно работно искуство како што предвидува законот. Обвинителот Лога вели дека располага со доволно докази.
– Ние имаме докази и ќе докажеме дека тој сторил кривични дела за кои се терети. Судот ќе одлучи колку ќе го осуди, ќе видиме во текот на постапката. Ако не се согласиме со пресудата што ќе ја донесе судот ќе поднесеме жалба до Апелациониот суд во Битола, изјави Џемал Лога, обвинител во ОЈО Струга.
Исказ пред судот денеска даде и Адем Ајдароски кој бил директор на училиштето во Подгорци во три мандати, а годинава си поднел оставка на барање на Антикорупциска. Освен за овие три училишта кои се споени во еден предмет, за училиштето во Велешта предметот е одвоен. Освен Мерко, обвинети се и наставничка, директор и помошник директор затоа што фалсификувале документ за вработување, и за назначување на директор.
– Моментално за училиштето во Велешта се води одвоен предмет затоа што таму се четворица обвинети, а за другите три училишта се води споен предмет. Три постапки во еден предмет. Покрај кривично дело несовесно работење во службата во Велешта, дел од обвинетите се гонат и за кривично дело фалсификување исправа, изјави Јордан Јованов судија во Основен суд Струга.
Судењето за овој случај ќе продолжи на 5-ти јули. На почетокот на јуни започна и судскиот процес против Мерко за незаконската набавка на луксузното возило Ауди вредно 67 илјади евра и уште три други автомобили за кои од општинскиот буџет биле потрошени 114.000 евра. Ова судење беше одложено и ќе продолжи на 8-ми јули. (Крај)
извор: Канал 5 фото: Канал 5