Струга, 12. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Ќе има ревизија скоро на сите Универзитети во државата. Пријави веќе има за неколку и се постапува по истите, истакна денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска за време на посетата на Охрид.
– Ќе почнеме од таму кадешто се пријавуваат неправилности и со тек на време ќе направиме ревизија на сите. Ревизијата на издавање на дипломи е прилично долг и макотрпен процес, но за се што ќе има пријава ќе се постапува. А веќе имаме и почнуваме да постапуваме, меѓу нив за т.н. Универзитет на Мерко, за еден државен универзитет, за еден приватен универзитет и кога ќе бидат завршени ревизиите тоа ќе биде јавно објавено, рече Јаневска.
Одговарајќи на новинарско прашање за Меѓународниот Универзитет на струшкиот градоначалникот Рамиз Мерко кој и покрај тоа што нема дозвола да работи има објавено Програма за аплицирање на студенти за медицинската струка посочи дека ќе реагираат, ќе помине Комисија од Министерството, Државниот просветен инспекторат и доколку е така ќе си сносат последици.
Останува на ставот дека Универзитетите кои не ги исполнуваат условите ќе бидат затворени.
– Универзитетите кои не исполнуваат услови не може да работат. Гледајте какви инвестиции правиме за да имаме услови за работа и да се стекнува образование и знаење, нема да дозволиме таму каде што нема услови да се работи, додаде Јаневска. (Крај)
извор: lider.mk фото: архива