Струга, 31. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Струшките земјоделци можат да се пријавуваат на вториот оглас од ИПАРД програмата за 2014 година кој беше објавен на 27-ми октомври, а ќе трае 45 дена.
Целта на ИПАРД Програмата 2007-2013 е преку соодветни мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехрамбениот сектор преку нивно усогласување со стандардите на Европската Унија и постигнување на одржлива животна средина и социо-економски развој на руралните средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување.
Според Слаѓана Калајџиеска – Бебекоска,советник за организација во струшката единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, заинтересираните можат да аплицираат за неколку мерки.
– Мерките за кои можат заинтересираните да конкурираат се Мерка 101 – Инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за постигнување на стандардите на Европската Унија, Мерка 103 – Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибни производи со нивно преструктуирање и надградба за достигнување стандардите на Европската Унија и Мерка 302 – Диверзификација и развој на руралните економски активности, појаснува Калајџиеска – Бебекоска.
Како што вели таа, претстојниот јавен повик на ИПАРД програмата овозможува зголемени можности по однос на типот на инвестиции, поголем обем на потенцијални корисници, можност за набавка на различна земјоделска механизација (вклучувајќи и трактори), како и зголемени финансиски лимити за крајните корисници на финансиската поддршка.
– Начинот на конкурирање е: барателот го доставува своето барање по одредена мерка (инвестиција која е предвидена и се одобрува според оваа програма) со сета потребна документација. Доколку барањето биде одобрено, барателот склучува договор со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ја спроведува инвестицијата а по нејзинота реализација доставува барање за исплата на 50% од средствата. За сето време контрола на самото место и спроведувањето на надзорот над договорот извршуваат овластени лица од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и релевантни институции од Република Македонија за управување, спроведување и контрола на ИПАРД и Европска Унија, потсетува Калајџиеска – Бебекоска.
За проекти кои имаат вкупни прифатливи трошоци под 50.000 евра, објаснува Калајџиеска-Бебекоска, финансиската одржливост мора да се демонстрира преку Технички Предлог Проект, додека за проекти кои имаат вкупни прифатливи трошоци над 50.000 евра, одржливоста треба да се демонстрира преку Деловен План. Доколку вредноста на поединечната ставка изнесува под 10.000 евра потребна е една понуда од независен понудувач со детална техничка спецификација, над 10.000 евра треба три споредливи понуди.Новата механизација и опрема треба да потекнува од Земји членки на ЕУ. (Крај/А.Р.)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес