Струга, 10. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Преку соопштение објавено на нивниот официјален профил на Facebook, членовите на струшката навивачка група „Паткари“ обзнанија дека со почетокот на сезоната нема да го бодрат ФК „Караорман“, незадоволни од тоа како се управува клубот.
– Почитувани „Паткари“, сограѓани, љубители на спортот и искрени поддржувачи на нашата светост ФК „Караорман“. Веќе подолго време во нас тлее незадоволство кое мораше вака и на ваков начин да биде изразено. На 100 годишнината од формирањето на клубот, истиот е доведен до раб на пропаст иако ни беше ветувано дека клубот е стабилен. Од сето тоа добивме клуб кој не може да си плати котизација за втора лига и клуб кој не може ни достојно да го прослави своето 100 годишно постоење. Уште се појавија и сомнителни преземања на клубот, со уште посомнителни спонзори, чии намери воопшто не се чесни и коректни према нашиот Карчо, порачуваат струшките „Паткари“.
Додаваат дека поради овие причини решиле да апстинираат од бодрење на клубот од почетокот на првенството.
– Одлуката останува на сила се до моментот на транспарентно примопредавање на клубот и увид на нас навивачите во долгогодишните планови и намери на новото или старото раководство и спонзорите, потенцираат во соопштението. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива