Струга, 22. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Наставници и професори во основните и средните училишта во општина Струга кои се членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) веќе трет ден се во штрајк.
Демирќани Реџепи, претседател на Регионалниот одбор на СОНК во Струга кој ги опфаќа и општините Дебар и Жупа и брои околу 1.500 членови, најавува дека штрајкот ќе продолжи и во текот на наредните денови.
– Штрајкот на СОНК го поддржаа сите членови на Регионалниот одбор од Струга. Поддршка дадоа и други наставници кои не се наши членови. Не се штрајкува само во основното училиште во селото Октиси, вели Реџепи.
Според најновите измени на Законот за образование, во случај на штрајк, заменски наставници во општинските училишта треба да обезбеди градоначалникот односно општината, а за државните установи замена треба да најде министерството за образование.
Од општина Струга велат дека замена за наставниот кадар кој штрајкува се уште не е најден зашто во општината има малку невработени наставници и професори.
– Во струшките училишта штрајкуваат околу 70 проценти од наставниците и професорите. Тоа значи дека околу илјада наставници и професори штрајкуваат. Тешко е да се најде замена за сите нив зашто во Агенцијата за вработување се евидентирани само 80-тина невработени наставни кадри, појаснува раководителот на секторот за образование во општина Струга Сурија Рушити.
Како што додава тој, има информација дека директорите на училиштата веќе подготвуваат списоци за наставниците и професорите кои штрајкуваат со цел да им се најде замена за да можат учениците редовно да ја следат наставата во второто полугодие.
– Имам информации дека некои од директорите на училиштата веќе подготвуваат списоци. Ќе чекаме да ни ги достават, а потоа ќе одлучуваме што да направиме, додава Рушити.
СОНК бара од Владата зголемување на платите во образованието за 25 проценти, укинување на казните за екстерното тестирање, како и поедноставување на работата со електронскиот дневник. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Канал 77