Охрид, 18. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Студентите на Универзитетот за информатички науки и технологии “Св.Апостол Павле”, по петти пат ќе го одбележат Светскиот ден на културната разновидност, 21-ви мај.
Тие ќе ги претстават носиите, танците, традиционалната храна и културните специфики на земјите од каде потекнуваат.
– По втор пат главниот настан се одржува во самиот центар на градот. Студенти од 21 земја ќе бидат дел од овој настан и ќе ги споделат информациите за нивната култура. Присутните ќе може да видат игри, танци и песни од различни краеви на светот, ќе имаат можност да се фотографираат со студентите облечени во нивните традиционални национални носии, а ќе може да се вкусат и дел од автентичните специјалитети. Овој настан ја лоцира Македонија на мапата на културната разноликост, велат организаторите.
Централниот настан ќе се одржи во сабота од 12 часот на градскиот плоштад, а програмата ќе заврши со концерт во 19 часот.
Како увертира на годинешното случување, утревечер од 19 часот, во соработка со Академијата за филм, ќе има проекција на филм. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива