Скопје/Охрид, 27. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 17-ти до 25-ти јуни 2019 година, Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) од Охрид беше домаќин на студенти од Руската царинска академија.
Целта на посетата беше руските студенти да се запознаат со македонскиот царински систем. Царинската управа како домаќин на студентите, во текот на седумневниот работен престој, им овозможи посета на граничниот премин „Меџитлија“, аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, царински терминал, како и посета на шпедитерска компанија.
– При посетата на царинските испостави студентите беа запознаени со царинската постапка во испоставите. Интерактивноста на студентите беше импресивна, се покажа огромен интерес од нивна страна за работата на царинските службеници, се поставуваа бројни прашања кои беа одговарани од страна на стручни лица. Во просториите на факултетот се одржа и стручно предавање на тема Акцизи и акцизни документи. Предавањето го одржа Помошник директорот на Секторот за акцизи Анастас Маженковски, информираат од Царинската управа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Царинска управа