Охрид, 24. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Студентски дом „Никола Карев“ од Охрид во текот на летото работи комерцијално по рекламни цени, информираат одговорните.
– Бидејќи бројот на студенти од година во година се намалува ние сме принудени во летните месеци да работиме и комерцијално, што ни го дозволува законот за студентски стандард. Домот располага со сместувачки капацитет од 86 соби (23 двокреветни, 51 трокреветна и 8 четирикреветни соби), односно 231 легло наменети за сместување на студенти, а во летните месеци јули и август како што реков за комерцијално сместување. Неодамна со мало финансиско вложување, успеавме колку-толку да го освежиме (тука мислам на замената на обичното осветлување со лед осветлување), инсталиран е WI-FI безжичен интернет во целиот студентски дом, инсталирана е кабелска телевизија, поставени се лед телевизори, но имаме и други планови за во иднина за кои што ќе ни треба и финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, односно од македонската Влада. Во овој контекст би истакнал дека со одлука на Владата ни се отстапени нафтени деривати од задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати без надомест, информира директорот, м-р Жарко Куциноски.
Тој напоменува дека Владата односно Министерството за финанси и МОН ќе потпишат меморандум за соработка со германската KW дабл банка со која што ќе добиеме средства за целосно реновирање и реконструирање на студентските домови во нашаата држава во делот на енергетска ефикасност, се’ со цел подобрување на условите за сместување на студентите.
– Во делот на комерцијалното работење, во моментов имаме околу 80% искористеност на сместувачкиот капацитет цените се достапни за сечиј џеб: 400 ден-ноќевање, 600 ден-ноќевање со појадок, 760 ден- полупансион и 910 ден -полнпансион, додава Куциноски.
Државниот студентски дом „Никола Карев“ од Охрид е изграден во далечната 1964 година и од тој период работеше како депанданс на хотелот „Палас“. Од 31-ви август 1998 година, со одлука ва Владата работи како студентски дом.(Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес