Скопје, 06. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Студентскиот пленум во моментов присуствува на денешната, ненадејно свикана средба во Владата на РМ со премиерот Груевски, како дел од работната група на УКИМ, заедно со претставниците на Професорскиот пленум.
– Сомнително е зошто владата повторно по последниот момент менува одлука за заседавање на комисија, особено кога таа не треба да ја води дискусијата за законот за високо образование – туку треба да биде набљудувач. Го потсетуваме Премиерот дека дебата за високото образование треба да се води на универзитетот, а не во Владата. Но, сепак, и покрај недоследностите во однесувањето на Владата, во знак на добра волја, ќе ја искористиме приликата да пратиме свои претставници во кабинетот на премиерот и уште еднаш да истакнеме дека Студентскиот пленум бара итно прогласување на мораториум врз последните измени во Законот за високо образование (ЗВО). Тоа подразбира одложно дејство врз измените во ЗВО, се додека не се донесе целосно нов закон, кој ќе произлегува од инклузивен дијалог и ќе се темели на суштински анализи. велат од Студентскиот пленум.
Оттаму додаваат дека 4 месеци ја водат борбата на оспорување на реформите.
– Токму затоа, се додека ова барање не помине во итна собраниска процедура, Студентскиот пленум нема да престане да делува вонинституционално, според договорениот тек, додаваат од Студентски пленум. (Крај)
извор: ОхридПрес/Студентски пленум фото: архива