февруари 26, 2015

Скопје, 26. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Студентскиот пленум ја извојува својата прва битка против владините образовни политики, соопштуваат од пленумот.

– Владата и Министерството за образование беа приморани да признаат дека законoт што е менуван 16 пати од 2008 година ја губи својата комплементарност, спроведливост, суштина и создава правна несигурност. За првпат во историјата на Македонија, но и на регионот, студенти и професори ќе учествуваат директно во процес на пишување закон за студенти и професори. Секое прашање за високото образование што кога и да било тлеело ќе биде отворено, велат од пленумот.

Оттаму додаваат дека се борат за идните генерации студенти.

– Нашите генерации ќе останат генерациите што плаќале за студентските лидери да си седат удобно во претседателските фотелји, за во трошните соби во студентските домови студенти да мрзнат без греење и топла вода, плаќале за да немаат можност да истражуваат, да патуваат, плаќале за да си ја врамат на крај дипломата на ѕид, и да гледаат како секој ден се фрла под черга академијата, а јавниот дискурс е задушен од зборовите на необразованите. Она за што ние се бориме е за сето ова полека да почне да се менува, додаваат од Студентски пленум. (Крај)

извор: Студентски пленум фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука