мај 3, 2018

Охрид, 3. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Педесетина еминентни експерти за блатни екосистеми од целиот свет учествуваат на 13-та годишната конференција на Европскиот огранок на Друштвото на научници на блатните екосистеми (SWS) која се одржува во Охрид.

Подолго време се разговараше со македонските власти за состојбата на Охридското Езеро и Студенчишкото блато, кое е негов интегрален дел. Ова е прекрасно подрачје, имате скапоцен камен во рацете кој треба да го вреднувате и цените, потенцираше проф. Јос Верхувен, биолог и експерт за животна средина и биодиверзитет.

– Природата била дарежлива кон вас и затоа треба да внимавате. Треба да се нагласи дека ресурсите кои ги поседувате се од огромно значење за економскиот развој на градот и регионот. Големи средства ќе бидат добиени од зголемениот број туристи што ќе доаѓаат и веќе се чести гости во Охрид. Во таа смисла треба да вложувате напори да ги зголемите тие ресурси што ќе доведе до уште подобри економски резултати, потенцира Верхувен.

josverhuvenТој додаде дека првпат во Охрид како турист бил во 1976 година и она што сега го забележал е дека ситуацијата е значително изменета.

– Во тоа време Студенчишко блато беше многу поголемо и поврзано со езерото, додека денес е одвоено и многу намалено во обем.

Професорот Верхувен, по вчерашната посета на блатото, вели дека се` уште постојат можности да се обнови тој скапоцен камен, но треба да се вложат напори, и да се работи многу.

– Ако блатото остане одвоено од езерото и ако продолжи намалувањето на неговиот обем тоа ќе повлијае негативно на целиот растителен и животински свет што го има таму. Затоа треба да се одржи и да се подобри квалитетот на блатото. Од граѓанската иницијатива Охрид SOS ја покажаа загриженоста за состојбата и се обратија до нас за помош. Блатото е на сите вас, па важна е улогата на граѓаните, вели тој.

konferencija1Светските експерти изразија поддршка за активностите кои се преземаат за номинација и прогласување на Охридското Езеро и Студенчишкото блато за Рамсар локалитет.

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски потенцираше дека Студенчишкото блато е дефинирано како приоритетен проект на локалната самоуправа, проект кој мора да биде заокружен годинава.

jovanstojanoski– Еко системот дефинитивно мора да биде задржан и да биде надграден, а она што го препорачаа научниците мора да се примени, за да се воспостави таа врска меѓу езерото и блатниот систем. Очекувам во текот на наредната недела со министерството за животна средина и просторно планирање да ги финишираме разговорите и на тој начин да ја завршиме ревизијата на студијата која научниците ја изработија за Студенчишкото блато. Општината и јас како градоначалник ќе го почитуваме мислењето на стручната и научна јавност, подвлече Стојаноски.

Граѓанската иницијатива Охрид SOS, на чија иницијатива се одржува конференцијата, го крена гласот против неправдите на еко системот студенчишко блато. Бевме иницијатори за заштита, бевме против изградба на туристички развојни зони кои се планираше да се градат покрај Охридското Езеро, истакна Трајче Талевски од Охрид SOS.

TrajceTalevski– Во наредниот период ни останува прогласувањето на Охридското Езеро и Студенчишко блато и впишување во листата на Рамсар заштитени подрачја со што уште повеќе ќе му дадеме занчење на природните вредности за овој дел од Република Македонија, ни преостанува да ги следиме активностите на централната и локалната власт околу препораките дадени од УНЕСКО. Будно ќе следиме се`. Доколку забележиме отстапки, веднаш ќе реагираме, потенцира Талевски.

Во текот на Конференцијата можеа да се слушнат над 30 трудови во кои е јасно одразена улогата на блатните екосистеми и вредноста која тие ја имаат преку обезбедување на биолошката разновидност и услугите кои ги нудат. Екосистемските услуги даваат исклучителна можност за развој на регионалната економија преку одржлив развој на (еко)туризмот и едукација на јавноста. Затоа, заштитата и ревитализацијата на ова природно богатство треба да има највисок приоритет. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука