Охрид, 23. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Имунизацијата против сезонски грип во Охрид се одвива секој работен ден, во периодот од 07:30 до 15:00 часот. Вакцината е висококвалитетна, четиритипна, а производител е Abbot biological од Холандија, информираат од Центарот за јавно здравје.
Бесплатната вакцина е наменета за ризичните групи граѓани лица постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.
Специјалист епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска за Супер радио и ОhridPress информира дека интересот за вакцинација годинава е поголем од лани, неделава вакцина треба да примат 1.440 лица кои се пријавиле на порталот vakcinacija.mk и добиле термин. Д-р Стурлакова Коровешоска апелира до оние кои треба да се вакцинираат да не доаѓаат ако имаат настинка, течење нос или некоја инфекција, туку тоа да го направат кога целосно ќе оздрават.
– За вакцинацијата има поголем интерес за разлика од минатата година, оваа недела имаме закажани 1.440 лица од ризичните групи за вакцинирање. Апелирам до оние што имаат настинка, течење на нос да не доаѓаат во таква состојба на вакцинација. Вакцината им стои седум дена, прво да оздрават, па потоа ќе примат вакцина, потенцира д-р Стурлакова Коровешоска.
Покрај бесплатната вакцинација, Центарот за јавно здравје Охрид обезбеди и комерцијални вакцини за заштита од сезонски грип од истиот производител, за лицата кои не спаѓаат во ризичните групи. Цената за една доза е 700 денари, а за примање не е потребно претходно закажување.
Одговорните лица потенцираат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип. Спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива