октомври 23, 2014

За Охридцките работи
Бр. сл. 011/01/2014
Охрид, 03. март 2014 година

Абе пискотници се слушаат од Њу Делхи до Охрида. Тој болната мајка бил да ја гледат, ова непрокопсаниве го уапсија… Издржи Субрата, брате…

„Остали без инвеститора – спасиоца“ – вака не мајтапат медиумите во соседството откако пукна брука од Охрида до Њу Делхи и ни го уапсија Субрата. Да бе Субрата Рој од ПУРЕ ЕАТАБЛЕС ЦОРПОРАТИОН ЛИМИТЕД… Џабе дедо Тимотеј толкави ѕидови крена околу манастирот. Ако нешто сме ќар, секако ќе заштедиме на кравите кои, нели ќе ги колевме секој ден по една, само за да види (клетиот) Субрата со кого си има работа. Ќе ни остане направеното и ќе заличи најубавото место (без конкуренција) на целиот брег на езерото. Ако (по некоја случајност) не биде ништо со ова проектов на Субрата, треба да крстиме некој дел од комплексот по него, да не му се заборави придонесот. Mој скромен предлог е по него да наречеме некој дел како оној на кој луцидните вевчанци ги напишаа имињата на македонските предавници за вечно да бидат „мокани“.

Ping Тимотеј: – Аман не ги оставај повеќе панаѓурот да го прават внатре. Има толку убави и прикладни места надвор од манастирот, нека си прават рингишпили, лесковачки вешалици и плескавици, нека продаваат школки кои создаваат оригинален охридски бисер (за во записник – ми фали АБ канал), Цд-а со Гранд парада и шеќерни волни таму, ова внатре демек за вернициве да остане. Извини вака, најмногу ми е на срце Св. Наум, зато вака малку personal note. Ај жив здрав и потро со нервози, гледај си појќе Светото слово…

subratabilbord

Ај натаму…

Значи вака. Едниве демек не сакаат да одат на избори, ама пошто напраја дека се потскарани со другиве, тие сега побараа избори. И сега првиве рекоа, пошто Вие ракавица ни фрливте, сега ќе видите… А третиве рекоа нема да понудиме кандидат, ама после рекоа – е ај добро и ние „ќе истрчаме“ со кандидат. Стево громовник (вика сам) ги собрал 10-те илјади потписи за неговиот адут, а стариве другари (не најстарите, овие помалку стариве) негови ќе оделе со некој шо пропуштил авион за Мостар таму порано. Па и Ѓоле не отиде да се види со Путин ради авионот…. А ќе му намигнеше…сигурно…

Разбравте нешто?

Не мора да разбереме, важно масовно цело село да излеземе и „своеволно и доброволно“ да се потпишиме за Ѓоле, не од што имаше потреба, затоа што тој „помина“ кај своите, туку колку да се знае кој петел е главен на ова буниште.

Е токму затоа, што не направивте буниште во секоја можна и неможна смисла на зборот не можам да Ви простам. Ако е прочка денес, едноставно не можам. Како да Ви ги простам најубавите години од мојот живот поминаа како во некој лош сон, шо чекавме ко од Африка да сме пред некој конзулат за виза за да видиме малку „бел свет“, како да Ви простам шо некој полуписмен цариник на грчка граница си играт со мене како да сум од некое племе дојден, како да ви простам шо просечна плата е 150 евра во Македонија, како да ви простам шо со вашата „способност“ одново и одново не враќате назад, како да Ви простам што половина генерација ми е во Италија, Швајцарија, Лондон, како да Ви простам…

Нема прошка другарчиња, и Вие со лавчето и Вие со розата/тупаницата. Години поминаа, ние уште ги гледаме истите ликови на телевизија. Со нас се некако – `till death do us part.

На медиумите, на социјалните мрежи сме бомбардирани од нашите (вашите) „успеси“. Кога ќе видам што се` објавуваат по социјалниве мрежи луѓе кои ги знам и знам дека се интелегентни и јасна им е работава, си викам – што ли треба за вака паметен, арен човек да стане слеп и да продава приказни за тоа колку ни е убаво. И јасно е, се ухлеби пријателот, пикнат таму некаде „на топло“ со државна платичка и вика „супер се живее во Македонија“. И во право е, во неговата Македонија се живее супер, само ова остатоков од плебсов некако не им „се уклапа во равенкава“. Ова остатоков шо чека плата на први или што треба да даде плата на први и секои 30 дена мора да направи „мини чудо“ за да „остане во игра“. Тие се вон нивните есапи и дел од друга равенка. Тие се оние кои ќе гласаат за „елитава“ наша да остане на врвот и да може да ни каже колку всушност ни е убаво. Пензионерите, покрај тоа што ќе скијаат ќе си добијат и зголемување на платата од 600 денари (нацело), или доволно пари за да купат 10 квадрати во скопски Центар месечно…

И сега ајде сите пак на избори и тоа дупли. Пак ќе се пребројуваме кој со кого бил, кој чив бил, кој на кого што му учинил. Големите ја вадат веќе пропагандната „артилерија“, се отвараат штабовите, се мобилизира членството. Ова пак новиве се сликаат по манастири и цркви, даруваат ќебиња, компјутери, испраќаат соопштенија за себе во трето лице еднина или множина.

Лудило, роѓаци, лудило….

avtopatdui

На мртва сабота (со сиот ум) го означија почетокот на работите на автопатот Кичево – Охрид. И покрај денот, подобра од оваа вест немавме слушнато подолго време и е за поздравување со надеж дека во најскоро време и комплетно ќе се реализира. Интересно беше само што дента ВМРО-ДПМНЕ го најавуваа автопатот Кичево – Охрид, а пак ДУИ автопатот Кичево – Струга. Да заштедиме, да не правиме два автопати, нека го направат ова генијалциве – тендераши од ДУИ до Подмолје, па ВМРО-ДПМНЕ нека го досреди остатокот – оние 9. километри до Охрид… Чиста работа.

Не знам за вас, ама мене еден од настаните кои ми го одбележаа „месецот на мачкиве“ секако беше стружанецот на кого му пукна филмот и кој реши да ја земе правдата во свои раце во просториите на УЈП во Струга. Тој „воодушевен“ од програмата на МРТВ, а уште повеќе од тоа што трансакциската сметка му била блокирана заради неплатена радиодифузна такса, решил да „ги реши“ дел од прозорците и влезната врата. Уште ако се додаде на ова и струмичанецот кој сакаше да се замозапали, се појасно станува во каква идила живееме и што не чека тука зад вратата.

За крај еве го фото-роботот на идниот претседател на Република Македонија. Ако го видите некаде, пријавете во најблискиот партиски штаб…

fotorobotpretsedatel

Ај да сте ми живи и здрави и пошто на Прочка го пишувам ова, простете ако сум Ви згрешил нешто.

Само на кратко за крај – да не знајт некој:

Пошто камапањава за избориве ќе е во пости, да земаме масло ко ќе ни давет, или само брашното да го земаме?

Пишете во инбокс. Фала.

Сашо Митан

За Охридцките работи на Facebook

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука