Скопје/Охрид, 22. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Оптимист сум дека автопатот Кичево-Охрид ќе биде пуштен во употреба во предвидениот рок до 2021 година, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес конференција на која даде осврт за сработеното во ресорот „транспорт“ во 2019 година.
– Министерството за транспорт и врски не случајно е мотор на ваквите економски промени. Годинава ќе ја завршиме со преку 80 проценти реализација на капиталните инвестиции во нашиот ресор, што ја покажува ангажираноста на сите ресурси во остварување на крајната цел, а тоа е поквалитетен живот и економски раст на земјата. За следната година планираме да ја завршиме пругата до Бељаковце и да отпочнеме со изградба на делот од Бељаковце до Крива Паланка. Исто така, следната година ќе започне изградба на магистралните гасоводи од Велес до Свети Николе и од Гостивар до Кичево, рече Сугарески.
Според директорот за ЈП за државни патишта Зоран Китанов, досега се реализирани 60 проценти од работите на автопатот Кичево-Охрид, но без дополнителни работи, кои мора да се завршат прво за да се продолжи понатаму.
– За овие дополнителни работи потребно е да се подготват 70 проекти, од кои 20 кои се поголеми се веќе изработени и интензивно ќе се работи. Нема да се чека сечење лента туку делниците ќе се пуштаат како ќе се завршуваат, напомена Китанов и додаде дека, според него, околу 40 километри од автопатот ќе бидат во функција и пред 2021 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива