Скопје, 3. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Легализацијата на дивоградбите со новиот закон нема да биде едно евро од квадрат, соопшти министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Тој во вторник ќе ја презентира информацијата и потребата од носење нов закон за легализација на дивоградбите.
– Комуналиите ќе бидат некаде 100 проценти, што е еден вид казна од 50 проценти, плус УНЕСКО ќе биде буквално надвор од тој закон, за да немаме дилеми апсолутно дека ќе се случува таму нешто и понатаму. Лицата со социјален ризик се опафтени во тој дел, каналските канализации. Меѓутоа добро е прво да помине информацијата на Влада и предлог-законот да го доставиме и потоа ќе бидете целосно информирани, изјави Сугарески.
Законот е правен заедно со општините и ЗЕЛС, а целта е да се решат објектите кои во моментов не можат да се легализираат, согласно постојниот закон. Запрашан како тоа ќе влијае врз граѓаните и фирмите кои градат легално, Сугарески објасни дека оние што граделе нелегално ќе си платат казни и комуналии.
Охрид е меѓу градовите со најмногу дивоградби во државата. Градот и езерото веќе 40 години се запишани на листата на светско наследство како речиси недопрена природа. Првите знаци на зголемена градежна активност се забележани во 1998 година од кога датираат првите предложени мерки за Охрид кои и денес се актуелни, а низ годините се засилени со укажувања за недозволени градежни активности на Плаошник, а последните години се забележуваат зголемени активности долж целиот регион и неисполнување на мерките.
Експертите веќе подолго време апелираат дека е неоходно да се вклучат надлежните институции за заштита, пред се’ надлежниот Завод и музеј во Охрид, кој треба да направи некаква студија, извештај за секоја поединечна дивоградба, дали е поткровје или некакви доградби на постоечки објекти, и какво е нивното влијание на исклучителните вредности на старото јадро кое е заштитено и со посебен закон, и прогласено за културно наследство од особено значање.
Од Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, велат дека институциите од нив досега не побарале студија за влијанието на објектите и дополнуваат дека таа ќе се изработува во соработка со други субјекти. Од таму информираат дека во моментот работат на зонирање на Охрид, на деловите каде има објекти под заштита како и архелошки локалитети. Даниела Неделковиќ вршител на должност директор вели дека од 2012 година досега до нив пристигнале 116 барања за мислења за дивоградби и дека најголем број барања – 36 пристигнале во 2012 година. Оваа година имало шест барања до нив за да издадат мислења за дивоградби, а минаат три. Од музеј Охрид велат дека на најголем дел од барањата одговориле негативно.
Охрид веќе избра фирма која што ќе урива, и предвиде средства за уривањето во висина од 1,5 милион денари. Во изминатиот период министерот за траспорт Сугаревски рече дека приоритет ќе имаат дивоградбите во заштитеното старо градско јадро и во националниот парк „Галичица“. Според евиденцијата на локалната самоуправа, на територијата на општина Охрид има 1076 дивоградби, од кои 409 во заштитените зони на националниот парк, на крајбрежјетото на Охридското Езеро и во старото градско јадро.
Зоран Павлов од Управата за заштита на културното наследство вели дека акцискиот план се спроведува, а во момнтов приоритет се мораториумите и уривањата. Тој дополнува дека се работи на сите препораки на УНЕСКО и насоките во акцискиот план кои треба да се исполнат до февруари, но не може да каже кое министерства до каде е зашто тие поднесуваат извештај до Владата. Павлов додава дека општина Охрид има изработено инвентар на нелагални градби односно бесправно изградени објекти, но посебна студија за тоа кој од тие објекти влијае на унивезралните вреднсоти се уште не е направена. Сепак е тоа малку подолг процес, вели Павлов.
– Она што градоначалникот веројатно го изјавува и кон што ќе се пристапи кон уривање се градби кои и без изработка на студија е евидентно дека нарушуваат природни и културни вредности, а тоа пред се однесува на платформи на угостителски објекти, на објекти кои се изградени без потребната градежна документација, а се наоѓаат во строго заштитениот дел или се наоѓаат во строгиот заштитен дел на крајбрежјето итн. За тие објекти мислам дека посебна студија за влијание не треба да се изработи. Ќе се изработува понатаму студија за оние објекти кои се наоѓаат на потегот на Галичица и на другите делови на крајбрежјето, вели Павлов, кој дополнува дека е важно да се покаже желба и заложба за да се зачува ова светско наследство и дека станува збор за долг процес и не може да се очекува преку ноќ да се решат сите проблеми наталожени 40 години.
Но, упатените нагласуваат дека вољата не ги решава проблемите туку делувањето. Освен мораториум на градење и легализација на дивоградби, уривање на нелегално изградените објекти во заштитеното подрачје, утврдување законски рамки за спречување на понатамошна нелегална градба и финализирање на планот за управување со Охридскиот регион, е дел од 19-те барања на Реактивната мисија на УНЕСКО. Од таму потенцираат дека треба да се исполнат сите останати барања, за што македонската влада до комитетот во февруари треба да испрати извештај. Александра Бујаровска од „Фронт 21/42 вели дека планот за управување со Охридскиот регион е најважен зашто треба дa ја пoстaви визијата за регионот.
– Овој план треба да даде насоки дали во Охрид понатаму ќе се развива масовен туризам или елитен туризам и ќе има и научно истражувачка работи. Абициозно е до декември да се донесе, треба да се обезбеди учество на јавноста и да изработи квалитетно. Во моментов има нетипична насока во развојот на туризмот во Охрид и зато стигнавме до тука, во заштитени подрачје да се менува зона за да се прават проекти, вели Бујаровска.
Јавноста пред неколку години беше сведок дека со инвестиција на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој се планираше проект за изградба на хотелски ресорт на место во заштитена зона кај изворите на Свети Наум. Екологистите се надеваат дека со изработка на план за Охрид, ова ќе стане минато.
Надлежните велат дека има напредок во активностите за изготвување на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, како клучна препорака упатена од мониторинг Комисијата на УНЕСКО. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива