Судскиот совет во третиот квартал од 2024 година го оцени Охридскиот суд како неажурен
декември 17, 2024

Скопје/Охрид, 17. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Се зголемува бројот на неажурни судови во државава, покажува Извештајот на Судски совет за работа на судовите во трет квартал од 2024 година.

Според извештајот, како неажурни во третиот квартал се оценети Вишиот Управен суд, Управниот суд, Врховниот суд и сите апелациони судови, односно Апелациониот суд Битола, Апелациониот суд Штип, Апелациониот суд Гостивар и Апелациониот суд Скопје, како и повеќе основни судови, беше истакнато на денешната седница на Судски совет.

Од Основните судови во Република Македонија како неажурни се оценети, ОС Охрид, ОС Ресен, ОС Виница, ОС Делчево, ОС Струмица, ОС Свети Николе, ОС Граѓански Скопје, ОС Велес, ОС Гевгелија, ОС Кавадарци, ОС Крива Паланка, ОС Куманово, ОС Неготино, ОС Дебар и ОС Кичево.

Додека, како ажурни се оценети ОС Битола, ОС Крушево, ОС Прилеп и ОС Струга, ОС Кочани, ОС Штип, ОС Радовиш, ОС Гостивар, ОС Тетово и Основниот кривичен суд Скопје, а за Основниот суд Берово нема податоци.

Во третиот квартал, судовите примиле 126.188 нови предмети, со вкупно 272.343 предмети во работа. Од нив, решени се 125.965 предмети, додека нерешени остануваат 146.378 предмети. Заостатокот на предмети е зголемен за 165 предмети.

Како што посочи потпретседателот на Судски совет, Ханиф Зендели, треба да се има предвид дека во третиот квартал поголем број на судии користат годишни одмори и како што рече, можеби и оттаму е намалениот број на решени предмети. Тој изрази надеж дека работите ќе се променат во четвртиот квартал.

На денешната седница на Судски совет беше утврден престанок на мандат на членови на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите, Лорета Ѓорѓиева и Мирсад Сурои поради истек на времето за кое се избрани.(Крај)

извор: nezavisen.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука