февруари 13, 2015

Охрид, 13. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охридското Супер радио денес со посебна програмска шема се приклучува кон одбележувањето на 13-ти февруари, Светскиот ден на радиото – ден на кој се прославува радиото како медиум.

И покрај дигиталната ера, радиото како медиум продолжува да се развива и останува медиум кој допира до најширока публика во целиот свет. Стигнува до повеќе луѓе и на повеќе места отколку било кој друг медиум.

Светскиот ден на радиото е прогласен на 3-ти ноември 2011 година на 36-тата Генерална конференција на УНЕСКО, а е предложен од страна на Шпанија. Генералната конференција објави дека овој ден ќе се слави секоја година на 13-ти февруари, на годишнината од денот кога Обединетите нации го основаа Радиото на Обединетите нации во 1946 година.

Мотото на светскиот ден на радиото оваа 2015 година е „Младите и радиото“, кои важат за најкритичната и најверната публика истовремено. Супер радио анкетираше дел од младите од Охрид, колку слушаат радио.

– Слушам радио, но кога немам многу обврски за учење. Зависи, дали сум претпладне или попладне на школо, така слушам, некогаш наутро, некогаш попладне.

– Искрено, порано почесто се будев со радио, сега повеќе ги слушам вечерните емисии.

– Јас сум љубител на радиските хитови, најмногу сакам македонска музика и други поп хитови.

– Кога имам време, да, слушам радио. Повеќе сакам отворени емисии, со музика, гости, велат младите по охридската чаршија.

radiobranovi

Супер радио ја носи титулата на најслушано локално радио во Република Македонија.

Иако радиото како медиум, практично и реално е најголемиот поддржувач на музичарите, во музичката статистика и историја, има релативно просечен број на песни посветени на радиото. Една од постарите класик хитови посветени на радиото е темата „On the Radio“ на американската пејачка Дона Самер, снимена во 1979 година. Тука се издвојуваат и „Radio Ga Ga“ на британскиот рок бенд Queen, снимена во 1985 година, напишана и компонирана од страна на музичарот и тапанар на бендот Роџер Тејлор, „The Spirit of Radio“ на канаѓаните Rush, „I Can’t Live Without My Radio“ на LL Cool J, истоимената, но содржински различна тема „Radio“ на Роби Вилијамс и Beyoncé, потоа „Turn Up the Radio“ на Мадона, „Radio“ на The Corrs и други.

staroradio

Од почетоците на радиото, во 1887, се пренесени првите сигнали преку радио со Spark предавател, на растојание од приближно 500 метри. Првата јавна демонстрација преку радио се одржа во Оксфордскиот универзитет 1894. Во 1960, Sony го претстави првото транзисторско радио, со многу мали батерии. Иднината на радиото е во DAB, дигитално радио. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

https://www.youtube.com/watch?v=tiRG4rqzjX0

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука