За Охридцките работи Бр. сл. 008/04/2013 Охрид, 06. ноември 2013 година
Ова беше една од најчестите реплики на нашите слушатели пред мноооогу години кога се вклучуваа во живо. Како сте? – Супер ко Супер радио…
А името Супер радио тогаш ни го „тури“ луцидната Баба Маре (Бог да ја прости) од славно Вевчани. Со оваа „держава“ и пред тоа и потоа имавме многу блиски релации, кои признати кои непризнати, но тоа е – името ни остана.
Многу се бе другарчиња 21 година…Многу… Според годините, бевме во градинка, основно, средно и војска бевме, сега на факултет сме…
Ај вака, роденден ни е, па дозволете ни малку да сме патетични, да евоцираме по некој спомен…
Кога ќе се вратам наназад, многу бе работи од инает се напраени, а многу уште поголеми се прескокнаа. Секогаш сум сметал дека мала доза инает, фино контролирана, може да е и продуктивна.
Кога застанав прв пат пред микрофон, некаде 93-та ќе да беше, не можете ни да замислите колку беше тоа лошо. Во слушалките сам од себе кај шо се слушав се нервирав. Такви беа времињата, не знаевме како требит. И имаше еден чичко таму надвор ко излегов и ми викат, ништо не чинит ова, ти си тука само ради татко ти. Фино, реков…После тоа кога се вратив кај што ми беше местото, уште еднаш ми го повторија скоро истото и си викам – ок другари. Порачав камион сол и почнав (вреќа малку беше).
На тој чичкото со брадичето, му го посветувам Гинисот од лани. Да ми е жив и здрав. И тој и вториот, за него можда и повеќе…
кај ни беше умот лани три дена во живо, ама издржавме со Жанко ЗШ Голабоски
Некаде беше 95-та, 96-та, со еден од вистинските темели на Супер радио, Тони Џомба, бевме во Скопје, некој софтвер да купиме од едни колеги во една голема Радио станица. Зедовме шо зедовме, и пошто тогаш за најголемиот дел од популацијата компјутер беше нешто ко сега што е она возилоно „Curiosity“ шо го пратија на Марс, си ги прашавме културно колегиве… демек полека да ни објасните како ова чудо функционира. Едно проќелаво чоече почна нешто набрзина, стегни овде, стегни онде…. Му велам, полека ако може, за да разбериме полесно. И пак ова проќелавиов – стегни овде стегни онде. Гледам немат чаре, ми викат разбравте? – реков разбравме….
И пак солта… Го зедовме то компјутерот шо кошташе тогаш ко една гарсоњера под мишка, и бегаме со автобус до кај сестра ми во станот кај шо ќе спиевме вечерта. Го гледам Џомбево чадит и му викам:
– Не се нервирај, ќе ги решиме кога тогаш…
Според мерењата на Советов за радифузија од април годинава, јас си го исполнив ветувањето. Го имав и од порано, ама ајде сега официјално… То е посветено на Џомбе секако…
Има уште многу посвети, уште многу преубави моменти, но рано ни е за мемоари. Многу народ помина низ портите на Супер радио. Без оглед на тоа како заминале од тука, сите оставиле по малку од себе овде. Некои ќе ги помниме по арно, некои по лошо, ама истото сигурно и за нас важи, па затоа….тоа е тоа – C’est la vie…
И затоа:
Веле, Славко, Љупчо Мува, Оли Цепенко, Пуле, Марија Новак, Мишко Јузмески, Стефан Димоски, Симонида, Ирена Ристиќ, Валентина, Томе Бакуле, Илче Шуле, Димо транс, Иван Чајче, Ванчо, Жанко, Диме Смешкар, Аце Џепарче, Ненад, Климе Егеец, Јуксел, Горан Момир, Ивана, Маја Шари, Кире Моша, Илче, Маја, Саше Топал, Ана Шутиноска, Богданка, Сашо, Тони, Марија, Маја, Кате, Ненад, Пантер, Бруце, Жармена, Мартин, Јане, Мики, Искра, Горан Гоџе, Тане, Џими, Џамто, Ѓоко Апо, Тони Тунте, Сузе, Радмила, Боби Бетмен, Аце Фаце, Марче Шефе, Димо, Александра, Ате, Саше Цикур, Даре Дамар, Сашка, Марина, Гере, Игор Буф, Јованчо, Николина, Мики, Даниел, Светле, Дџ Мравка, Ивана, Ведат, Павел, Дојчин, Душка, Димо, Илија, Херман, Ефтим, Ана, Зоки Џез, Коле Баба, Иванна и други….не ми теквит стварно… Нека простат ако заборајв некого…
Е овие беа, а многу од нив уште се Супер радио. Некои од луѓево погоре не се повеќе со нас, но само физички… Фалите другари со секој ден се повеќе… А мене, мене ми беше чест што годиниве наназад работевме заедно и учевме едни од други.
аквариумот од џинглот – „Од студиото со аквариум…“
Привилегија е да се живее, работи и твори во град како што е Охрид. Тој ни даде навистина многу, се надеваме дека до овде, барем малку се оддолживме, за натаму здравје Боже, уште повеќе. Ако нешто денес доживуваме како успех и сатисфакција, тоа секако е фактот што охриѓани медиумот го доживуваат како свој, близок и често со нас ги делат своите проблеми, таги, радости и сл.
Ви благодариме ОД СРЦЕ за овие прекрасни 21. година заедно и се надеваме дека ќе се дружиме уште долго…
Супер сте ко Супер радио…
Сашо Митан
За Пантер, Бруце, Мравка и Буф
За Охридцките работи на Facebook