Охрид, 15. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Она што на почетокот беше само идеја на група хумани индивидуалци, беше успешно реализирано во рамките на хуманитарната акција „Среќно првачиња“ – 96 првачиња од Општина Охрид добија комплетно нов ранец со целосен прибор за среќен почеток на учебната година.
Организаторите испратија благодарност до сите хумани граѓани кои несебично донираа квалитетен прибор во кутиите за донации поставени во книжарите и на сите здруженија и организации кои сами се понудија да помогнат.
– Би сакале да можам да Ви го пренесеме чувството на добиената насмевка и прегратка од дечињата… но тоа не се опишува со зборови. Стотина прегратки и насмевки… затоа што за децата се работи, порача иницијаторот Ивана Маховска Шикалеска.
Целта на акцијата, која започна на средината на минатиот месец, а беше поддржана од ЛК „Лихнидос“ и останати Лајонс клубови, беше да им се овозможи среќен и безгрижен почеток на школската година на сите првачиња, чии што родители немаат доволно средства за да им го обезбедат потребниот училишен прибор на своите деца. Обезбедениот материјал им се подели на првачињата во училиштата според намената, ставајќи акцент притоа на првачињата од училиштата во руралните средини. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива