Берлин, 5. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Како едно од најпопуларните туристички места, компанијата „ТАВ“ го промовираше Охрид и аеродромот „Св. Апостол Павле“ на најголемиот светски туристички саем – ИТБ Берлин (Меѓународниот туристички саем во Берлин) што моментално се одржува во главниот германски град.
Турскиот холдинг „ТАВ аеродроми“ спроведува маркетинг-активности на различни локални и меѓународни саеми за промоција на регионите во кои се наоѓаат аеродромите, портфолиото, како и на своите услужни компании. Меѓународниот туристички саем ИТБ-Берлин, се смета за најголем туристички настан во светски рамки, а ТАВ годинава учествува по 12-ти пат. Поставен на површина од 160.000 квадратни метри, саемот е домаќин на околу 10 илјади учесници од повеќе од 180 земји и над 180.000 посетители.
– Ги промовираме дестинациите на аеродромите управувани од страна на „ТАВ холдингот“ во Грузија, Македонија и во Тунис. На 12- годишнината од нашето учество на овој саем, целта ни е да направиме значителен придонес за областите каде што работиме. Свесни сме дека аеродромите, како места за влез и излез од државите и градовите, играат важна улога во развојот на туризмот. Според тоа, денес сме горди што учесниците и посетителите на саемот обрнуваат големо внимание на нашиот штанд, на кој се претставени 14 аеродроми во седум држави, управувани од страна на холдингот ТАВ и од нашите услужни компании, на различни локации низ целиот свет. Ние исто така ги промовиравме аеродромите во Измир, Газипаша и Бодрум на ИТБ Берлин, каде што на едно место можат да се најдат водечките претставници на туристичката индустрија на глобално ниво. Се трудиме да го зголемиме бројот на летови паралелно со туристичкиот потенцијал на овие места, изјави Аслихан Чортук, маркетинг-директорка на „ТАВ аеродроми“.
„ТАВ Македонија“, пак, неодамна ја одбележа петгодишнината од своето постоење. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива