Охрид/Скопје, 29. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Очекуваме заклучоците од расправата недвосмислено да наложуваат обврзувачки мораториум на крајбрежни и урбани трансформации. Бараме Владата, ресорните министерства и локалната самoуправа целосно да ги применат препораките на УНЕСКО и да покажат дека се решени Македонија да не го загуби единственото Светско наследство.
Во име на граѓанската иницијатива Охрид SOS ова го истакна вчера проф. д-р Трајче Талевски во своето излагање пред Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија која го одржа второто продолжение на надзорната расправа која се однесува на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и сродната регулатива, во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО. Тој ја поздрави одлуката на Владата за прекинување на постапката за измени на Планот за управување со Националниот парк Галичица и согласно тоа, стопирање на сите деструктивни планови за НП Галичица (експресен пат, ТРЗ, ски центар и др.), како и прифатената иницијатива за репрогласување на Охридско Езеро и прогласување на Студенчишко Блато за споменик на природата и Рамсар подрачје од меѓународна важност.
Во своето излагање Талевски ги нотираше забелешките на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ во однос на состојбата на заштитата на светското природно и културно наследство на охридскиот регион и на барањата што од тоа произлегуваат.
– Во согласност со Извештајот на реактивната мониторинг мисија посочуваме на точка 6 од препораките за усвојување со рок до 1 февруари 2018 која гласи: „Да се вoспoстави мoратoриум на сите крајбрежни и урбани трансфoрмации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, барем дoдека не се изгoтват и усвoјат сите релевантни плански дoкументи (План за управување, Урбанистички и крајбрежен мастер планови базирани на ИУВ, итн.), не се oдoбрат ефективни закoнски регулативи за заштита, и не се вoспoстават ефективни механизми за кoнтрoла.“ Терминот мораториум на урбанизацијата се спомнува дури пет пати во извештајот. Сепак, оваа препорака не само што не е спроведена до наведениот рок, туку истата и понатака се занемарува како непостоечка што е крајно загрижувачки. Згора на тоа, во февруари Владата усвoи инфoрмација за уредување на плажи на брегoт на Охридското Езеро и други зафати што јасно укажува дека активностите се одвиваат во насока спротивна од препораките на УНЕСКО. Поради тоа, бараме итно прогласување на мораториум за градба на целата територија на доброто сè додека не се изготват соодветните акти како критично важен чекор во насока на зачувување на постоечкиот статус на УНЕСКО, истакна Талевски и потсети дека Извештајот на реактивната мониторинг мисија наведува и препораки за запирање на процесот на легализација на сите бесправно изградени објекти во рамките на доброто сè додека не се подготви детален инвентар на сите постоечки нелегални градби во рамки на доброто и додека не се изработи соодветна Студија за оцена за влијанието на животната средина.
Во име на Охрид SOS, а во согласност со препораките тој побара: итно запирање на натамошниот процес на легализација на бесправно изградените објекти сè додека не се исполнат горенаведените услови, не се обезбеди усогласена легислатива и строго почитување за законите и ревизија на измените на Законот за постапување со бесправно изгарадените објекти од 2015 (Службен весник 124/15 и 129/15) со што се овозможува легализација во заштитениот зелен појас на езерата и реките.
Талевски се осврна и на повеќе проблеми од оваа област како кршењето на законите во неколку случаи во Охрид и крајбрежјето на Струга, нелегалните градби во рамките на Националниот парк Галичица, а побара и целосна ревизија на законската регулатива која со бројни измени усвоени изминатите години отвори простор за конфликтни одлуки кои се во спротивност со Законот за заштита на природата, Законот за води, Законот за управување со светското природно и културно наследство и други релевантни закони кои треба да го гарантираат интегритетот и одржливоста на Охридскиот регион.
Комплетното излагање на проф. д-р Трајче Талевски пред Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија можете да го прочитате ОВДЕ.
На надзорната расправа во својство на сведоци, покрај Талевски учествуваа: Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца, Фејзула Спахија, директор на Државниот инспекторат за животна средина, Борис Тунџев, директор на Агенцијата за катастар на недвижности, Димитри Голабоски од НВО Аква од Струга и Ана Чоловиќ-Лешоска од НВО Екосвест.
Поканетите учесници ги дадоа своите искази пред членовите на Комисијата за култура и одговараа на прашањата поставени од страна на пратениците.
Врз основа на добиените информации, мислења и документи добиени од сведоците, Комисијата за култура ќе донесе заклучоци, по коишто се очекува соодветните надлежни институции да постапуваат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива