Охрид, 25. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Читам и слушам дека вработените во Архитектонското студио „Тетрактис“ од Скопје „самоиницијативно“ изготвиле идејно решение за марина во каналот Студенчишта, пишува на неговиот профил на Facebook проф. д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт во Охрид.
– Според она што се гледа од идејното решение, марината задира во екосистемот Студенчишко Блато за кој Владата на Република Македонија веќе ја разгледа и усвои „Информацијата за потребата од репрогласување на Охридско Езеро и прогласување на Студенчишко Блато за заштитени подрачја и нивно номинирање во Светската Рамсарска Листа“. Пишувањето дека градбата ќе ги запази сите еколошки стандарди и нема да му наштети на биодиверзитетот во овој дел од езерото, треба да се остави да го кажат некои други стручњаци. Значи престои прво да се ревидира постоечката Студија за Студенчишко блато, па да се изготви „Студија за валоризација на природни вредности за Охридско Езеро“ и „Апликација за номинација на Охридско Езеро и Студенчишко Блато во Светската Рамсарска Листа“. Е, од како сето тоа ќе се заврши, дури тогаш, доколку изготвените Студии дозволуаат вакви интервенирање во тој простор, се изготвува „Студија за влијание врз животната средина„ на проектот за марина, која ќе ги посочи негативните влијанија на градбата врз екосистемот. Тоа е патот. Вака само се врши непотребен „притисок“ преку објавување во медиуми, а се добива и впечаток како да е се веќе завршена работа и дека само што не се почнало со градба. Малку успорете Господа, реагира Талевски. (Крај)
извор: проф. д-р Трајче Талевски фото: архива