март 17, 2018

Охрид, 17. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во моментов реката Сатеска внесува три до четири пати поголема количина на вода од онаа што може ЕЛЕМ да испушти низ реката Црн Дрим без да ја загрози Струга и населбите по неговото течение, реагира проф. д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Тој на својот профил на Facebook објави дека  тоа значи дека имаме 4 см дневно покачување на водата, само од тоа што Сатеска се` уште се влева во Охридското Езеро.

– Кој ни е крив што само во вакви ситуации помислуваме дека водостојот е висок или низок и за се` ја кривиме природата и врнежите. Криви сме што Сатеска и денеска го крена нивово за 4 см. Да не беше таа и да не се влеваше се` уште во езерово, само во последниве десетина дена нивото ќе беше четириесетина сантиметри пониско. Тоа е само една од причините зошто треба да се врати Сатеска во старото корито, апелира Талевски.

Денес Охрид беше погоден од силно невреме проследено со дожд и јужен ветер, што предизвика оштетувања на дел од објектите кои се наоѓаат на првата езерска линија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука