Охрид, 23. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Госпоѓата Колинда Грабар – Китаровиќ има не еден, туку три бисери од нашиот дуќан. Еден го доби како подарок, а двата други си ги купи, вели познатиот мајстор за изработка на охридскиот бисер Климент Талев во интервју за Супер радио и OhridPress.
Тој раскажува дека благодарение на бисерите, Грабар Китаровиќ денеска е негова пријателка.
– Таа жена зрачи со една неопишливо убава и голема харизма. Лично се знам со неа и сме добри пријатели. Чекам да се устоличи на претседателската фотелја и да и’ се јавам за да и’ ја честитам новата функција, а потоа специјално ќе одам Загреб, раскажува Талев.
Во плејадата звучни светски имиња кои го посетиле неговиот познат дуќан во старата охридска чаршија има лордови, кралици, принцези, градоначалници и други. Бисери од Талевци имале принцезата Дајана, кралицата Елизабета Втора, принцезата од Кувајт, кралицата од Саудиска Арабија и многу други.
– Благодарение на бисерите стекнав огромен број пријатели , познати и признати луѓе од целиот свет. Имам пријатели лордови од Лондон, градоначалници и други. Еве, овде на сликата над мене е градоначалникот на бугарската општина Кремиковци, Ивајло Панев. Вие не знаете колкаво пријателство се разви меѓу нас двајцата. Но јас му реков нему: „Ако сте националист и мене ме третирате како Б’лгарин, нашето пријателство завршува овде. Или ќе ме почитувате како Македонец, а јас Вас како Б’лгарин и пријателството ќе биде големо, или ништо од тоа“. И така остана, вели во интервјуто мајсторот на оригиналните бисери Климент Талев.
Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)
извор: Супер радио фото: Супер радио