Охрид, 11. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – „За еден пејач од овие простори, значајно е да настапува на манифестацијата за избор на песна на Евровизија, додека пејачите од западно – европските земји, не го гледаат на тој начин патот до градење кариера“, вели охридскиот пејач и музичар Ѓоко Танески.
Во пресрет на вечерашниот настап на македонската претставничка на Евровизија, Јана Бурческа, Танески е категоричен дека годинава имаме одлична песна.
– Непристрасно кажувам дека оваа година Македонија има најдобра песна досега, од сите предходни песни кои се одбирале за на Евросонг. Јана е добра пејачка, песната е убава, типувам на влегување на Македонија во финалето, а за понатаму не можам да прогнозирам. Ако, не дај Боже, не влеземе во финале, тогаш ќе се потврди она што веќе транспарентно се знае за Евровизија, дека сé е една голема игра. Но, сепак, јас се надевам дека оваа година Македонија ќе биде во финале на Евровизија. Кај оваа манифестација е позитивно тоа што, еден пејач може да се запознае со негови колеги од други земји, а исто така најважно е чувството дека се претставува сопствената земја, смета Танески.
Тој, во иднина на сите потецијални македонски претставници кои би настапувале на Евровизија им препорачува, на сцената и зад сцената да бидат што позабележителни, да контактираат со што повеќе медиуми заради промоција и да ја пренесат најдобро што можат енергијата која ја поседуваат.
Ѓоко Танески и Дамјан Пејчиноски, кои во 2010 година како тим беа дел од Евровизиската сцена, досега се единствените охридски музичари, кои имале директно можност да бидат дел од оваа европска манифестација. Тогаш Македонија се претстави со песната „Јас ја имам силата“. Додека, некогашната охридска група Сленг, во 2009 година, беа многу близу до победата на домашниот фестивал за Евросонг. Сепак нивната песна „Генгста Оро“ заврши како второпласирана на домашниот Евросонг.
Според личното искуство, Танески за Супер радио потврдува дека претставата која донекаде ја има јавноста за сите задкулисни игри на Евровизија, во голем процент е точна.
– Некогаш помалку, некогаш повеќе е изразено, но е точно она „давање – земање“ гласови меѓу земјите. За еден пејач од овие простори, значајно е да настапува на манифестацијата за избор на песна на Евровизија, додека пејачите од западно – европските земји, не го гледаат на тој начин патот до градење кариера. Во секој случај, мора да се признае дека организацијата е секогаш на ниво, се настапува на огромна сцена, работат професионалци за сето тоа да изгледа гламурозно. Но, што се однесува до квалитетот на песната и пејачките способности, тоа малку се цени. Повеќе се гледа на шоуто, додава Танески.
Истиот став го дели и светски признатиот гитарист, охриѓанецот Дамјан Пејчиноски. Тој објаснува дека од музички аспект, манифестацијата не е на високо ниво, иако може да се сретнат добри музичари, но нивните доблести ретко се препознаваат.
– Во комерцијалната музичка сцена има добри песни, но тоа не значи дека би имале загарантиран успех на Евровизија. Она што се случува таму, зад евровизиската сцена, може човек да го сфати, само ако директно е таму и да види како се одвиваат работите. Она што се бара, е ексклузивност, ако е некој само добар музичар и скромен, нема да биде забележан. Како што видовме минатите години, победуваат музичари од типот на Кончита. Во секој случај, сепак е некое искуство, или, доколку се има добра песна и доколку се поклопат коцките да се победи, тогаш веќе може да се каже дека тој музичар може да се надева на развој на неговата кариера, објаснува за Супер радио, Пејчиноски.
Додава дека ретко може да се сретнат вистински музичари, или композитори на Еровизија, затоа што, обично учесниците од земјите доаѓаат со тим, сочинет од луѓе, кои не се дел од музичкиот бизнис, туку други профили, како менаџери, шминкери, костимографи, новинари, кои исто така не се музички новинари, туку бараат ексклузивитети и пикантерии. Во 2010 година, кога бил дел од тимот на Ѓоко Танески, директно можел да го забележи овој феномен, каде новинари од сите земји ги прашувале изведувачите кој – што е во тимот. Почесто биле интервјуирани танчерите, одговорните за сценографијата, отколку самите пејачи.
– Многу е погрешно што луѓето мислат дека ако некој не знае странски јазици, нема тој пејач да влезе во финале и да има добри резултати. Воопшто не е така. Многу други работи се во игра. Во однос на песната со која годинава се претставува Македонија, мислам дека добар тим ја направи песната. И обичен слушател може да забележи кога станува збор за добра песна, појаснува Пејчиноски.
Вечерва во Киев се одржува втората полуфинална вечер на која ќе настапи Јана Бурческа. Македонската претставничка на годинешниот избор на песна на Евровизија, со „Dance alone“ ќе настапи трета. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива