Охрид, 23. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Делот од улицата „Момчило Јорданоски“ кој плива во кал во догледно време ќе биде тампониран, најави Љупчо Танески од Секторот за комунален развој во општина Охрид.
Како што појаснува тој, најпрвин ќе се тампонира овој дел од улицата, а потоа ќе следува и асфалтирање.
– Запознаени сме со овој повеќегодишен проблем на жителите кои живеат на овој потег. Планирано беше пред да заврне снегот да се тампонира, но заради снежната бура активностите беа одложени. Во најскоро време штом дозволат временските прилики ќе пристапиме кон тампонирање на улицата за да не поминуваат граѓаните во кал, а потоа секако дека ќе следи и асфалтирање на овој дел од улицата „Момчило Јорданоски“, вели Танески за Супер радио.
Како што додаде тој, вакви активности паралелно ќе се одвиваат и на улицата „Сирма Војвода“ каде што постои сличен ваков проблем.
Инаку, жители од зградите на „Момчило Јорданоски“ вчера преку допис до нашата редакција се пожалија дека немаат елементарни услови за живот бидејќи се закопани во кал заради неасфалтираната улица за која, како што велат, имаат уредно подмирени комуналии. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес