Скопје, 29. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за здравство ги очекува резултатите од направената аутопсија на двегодишното девојче кое пред неколку дена почина во Општата болница во Охрид.
Ресорниот министер, Арбен Таравари и денеска потсети дека веќе е формирана комисија го испитува случајот:
– Имаме извештај од директорот на Клиниката и од дежурниот лекар. Ако има лекарска грешка ќе мора да одговара, како секој доктор и секој здравствен работник, напомена министерот Таравари.
Во врска со смртта на седуммесеченото бебе во Струга, тој рече дека таму не се работи за лекарска грешка, бидејќи детето починало дома.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има нешто ново во врска со смртта на трите новороденчиња на Гинекологија во Клиничкиот центар во Скопје, Таравари информира дека кај сите три деца имало проблеми во белите дробови.
– Зборував со професорката што ја направила аутопсијата и тие резултати ќе бидат достапни за новинарите и за целата јавност. Нема врска тоа со инкубаторите што го викаа од опозицијата, имало слободни инкубатори и сите три деца биле во инкубатор. Би сакал да имаме официјални извештаи, додаде тој. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива